Јорданскиот суверен, кралот Абдула II, вчера соопшти дека бунтот во земјата, по спорот со неговиот полубрат и поранешен принц Хамза, е задушен и дека неговата земја сега повторно е стабилна и безбедна.

Во својата прва изјава откако аферата се појави во јавноста, монархот кажа дека кризата што ја разниша стабилноста на хашемитското кралство е „најболна“ бидејќи се појави внатре во кралското семејство и надвор од него.

„Ништо не е ни блиску до тоа што го чувствував – шок, болка и гнев,  како брат и чувар на хашемитското семејство и лидер на овој драг народ“, наведува кралот Абдула во писмото испратено до нацијата, што го објавија британските медиуми.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, денеска изјави дека американскиот претседател Џо Бајден разговарал со кралот Абдула и дека наскоро се очекува транскрипт од нивниот разговор.

Кралската палата соопшти дека Абдула примил телефонски повик од Бајден „ кој изразил целосна солидарност на САД со Јордан и нејзините напори за зачувување на стабилноста“.

Јорданската војска претходно соопшти дека му издала предупредување на принцот Хамза за дејствувањето против „безбедноста и стабилноста“ на земјата, која е клучен сојузник на САД во регионот.

Принцот Хамза подоцна изјави дека е во домашен притвор, а уапсени се и неколку други високи функционери.

Владата соопшти дека спречила дестабилизирачки заговор во кој бил вклучен и принцот Хамза.

Во понеделникот вечерта, кралската палата издаде изјава, потпишана од Хамза, со која тој ја потврдува неговата верност кон кралот Абдула.