Доц. м-р Александар ЈОРДАНОСКИ

(авторот е лингвист и експерт за заштита на културното наследство)

Најновата квалификација на македонскиот јазик со определбата „модерен“ е уште еден од низата обиди за вмешување на политиката во науката. Политиката може придобивките од науката, во случајов лингвистиката, да ги употреби или да ги злоупотреби. Злоупотребата вообичаено добива естрадна популарност, но така и завршува, како ефтин продукт за крткотрајна впечатливост.

Македонскиот јазик генеолошки е јужнословенски (со балкански супстрат), по структура е аналитички (нема падежи), а обидот за додавање на определбата „модерен“ при постоечка востановена терминологија современ македонски јазик е обид за вешто подметнување на терминологија со кое политиката би замешала прсти во науката заради некакво терминолошко диференцирање и со крајна цел одредена политичка придобивка.

Мало појаснување, современиот македонски јазик подразбира актуелна нормирана состојба на јазикот на која му претходи процес на стандардизирање на дадени јазични елементи. Стандардизирањето претставува почитување на договорените вредности во јазикот низ сите делови кои учествуваат во говорната, во писмената и во писмено-говорната комуникација. Тие договорени вредности, пак, се создадени врз принципот на доминантното присуство на еден или на повеќе делови кај носителите на одредениот јазик. Тоа е начин да се издели стандардниот јазик од дијалектот и да се издигне како заеднички белег наспроти некоја друга заедница, од која е препознаен како нова заедничка вредност. Истовремено, тоа значи и идентификација на една етничка заедница – да може секој член од таа етничка заедница да каже: Да, ете сум јас!

Македонскиот современ јазик својата стандардна вредност ја темели на централно-македонските говори (дијалекти). Тие дијалекти: прилепски, битолски, велешки, кичевски, претставуваат некоја најблиска јазична целина, со најмала разлика меѓу себе. Тоа зборува дека и најголем дел од населението е влезено во таа оптимална говорна близина.

При паѓањето одлука кој дијалект, кој говор да влезе во основата на стандардниот јазик на една етничка зедница, секако дека се тргнува од мислата да се „преучува“ јазично колку е можно помал број од населението. Оваа мисла е совршено разјаснета за истражувачите на говорната комуникација. Една создадена говорна навика од детството се менува многу сложено и многу тешко. Поради тоа, и поради фактот да има заеднички говорен и писмен белег еден народ, или една нација, се избира најмалата, најбезболната болка. Комуникацијата надвор од таа етничка заедница е многу отежната доколку една етничка заедница се претставува говорно и писмено преку своите дијалекти, односно, доколку настојува да ги издигне дијалектите на стандардно-јазична висина. Дијалектите се неисцрпно богатство за секој дел од стандардниот јазик. Без нив не би можел да се роди и стандардиот јазик. Но нивното влијание не може и не смее да зема хаотична и некомпетентна широчина.

Македонската лингвистичка наука веќе го изодела патот на избистрување на она што се нарекува современ македонски јазик, теориски го поткрепила, а обидот на политиката да го протне „модерниот“ е уште една провидна пропаганда во веќе безбројните намери за докажување на она што не може да е докаже – дека Сонцето за Македонија почнало да грее во 1945 година.