Штипското комунално претпријатие „Исар“ има долг од над 300 милиони денари или пет милиони евра, објави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
До локалната власт деновиве е пристигнато и барањето од Министерството за финансии да се плати ратата од долгот, кој Општината мора да ги подмири како гарант за плаќање на долговите на „Исар“ за реконструкција на старата водоводна мрежа од пред 15 години.
Јорданов вели дека овој долг е 220 милиони денари, од кои 150 милиони денари се на име на камата, а остантите се основниот долг. Во најкраток временски период се бара од Општината да плати рата од 7.395.000 денари.
– Доколку оваа обврска не ја исполниме во наредните неколку денови ќе има присилна наплата од страна на Министерството за финансии. Другото известување, коешто го добив во текот на овие неколку денови е од
страна на добавувачот на електрична енергија на ЈП „Исар“, „Солар Про“, којшто ме информираше дека доколку во наредните неколку денови не биде подмирен долгот за доспеани, а неплатени месечни фактури за
електрична енергија, за истото претпријатие ќе биде поднесено налог за исклучување на електричната енергија, вели Јорданов.
Штипското комунално претпријатие на „Солар Про“ му должи 29 милиони денари, а според увидот во состојбата, претпријатието има обврка кон добавувачи и од дополнителни 60 милиони денари. Тоа се средства кои мора да се платат за набавка на цвеќиња, метларка и други материјали.
– Крајно неодговоро и нечесно работење од страна на ЈП „Исар“. Но, она што уште повеќе загрижува е обврската што „Исар“ ја има кон Министерството за финансии за земен кредит од ЕБОР, а што во изминатите четири години не е платена ниту една рата, вели Јорданов.
Градоначалникот на Општина Штип, Јорданов истакна дека „Исар“ гледано низ годините наназад е најзадолжено претпријатие. Тој најави дека ратата од над седум милиони денари кон Министерството за финансии ќе биде подмири, а од добавувачот на електрична енергија ќе се бара да се репрограмира долгот, односно да се плаќа на рати. Според планот освен редовните рати, „Исар“ ќе има и дополнителна исплата на долговите од над пет милиони денари, секој месец.