Државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација Јахи Јахија е уапсен по налог на надлежен јавен обвинител од Јавното обвинителство за организран криминал и корупација.
Тој, според првичните информации, се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластување.
Министер на МИОА е Дамјан Манчевски, кадар на СДСМ.
Од Обвинителството најавуваат повеќе детали во текот на денот.
Јахија осомничен за поткуп
Државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација Јахи Јахија и поранешен раководител на одделение во истото Министерство со иницијали Ј.Г. (52) се сомничат за примање покуп при избор на компанија за спроведување на проект финансиран од ИПА фондовите.
Тие како службени лица, во периодот од јуни 2014 до август 2015 година од италијанско правно лице преку посредници – италијански државјанин, советник во правното лице, и англиски државјанин – деловен партнер на англиско правно лице со подружница во Скопје, примилe подарок – патување во странство во три наврати, со вкупна вредност од 7.000 евра за да му овозможат на правното лице кое аплицирало на тендерот да има пристап до доверливите тендерски информации. Со тоа, тие му овозможиле повластена положба и предност во однос на останатите апликанти и како резултат на тоа, правното лице било избрано да го спроведува ИПА проектот за што бил склучен договор во вредност од 1.096.900 евра.
Во текот на 2016 година, во периодот кога во Министерство за информатичко општество и администрација веќе отпочнало спроведувањето на ИПА проектот, како награда, првоосомничениот во два наврати примил во готовина парични средства во вкупен износ од 37.930 евра, односно 2.332.695,00 денари, а второосомниченото лице примило подарок во вкупен износ од 2.500 евра, односно 153.750,00 денари.
Од страна на надлежен јавен обвинител е доставен предлог за определување мерка притвор против првоосомничениот, кој во 2005 година бил гонет и за кривично дело „злоупотреба на избирачкото право“ по член 161 и во истиот предмет осуден со парична казна за повреда на избирачкото право од член 159 од Кривичниот законик. Второосомниченото лице во моментот не се наоѓа на територијата на нашата држава.
Акцијата е спроведена во координација со италијанското обвинителство од Милано и со поддршка на „ЕУРОПРАВДА“. Спроведени се симултани претреси во Македонија и во Италија и тоа пет претреси во Скопје и Куманово од кои во две правни лица и едно министерство, како и во осум правни лица во Италија. Во акцијата на нашето Министерство привремено одзедени се повеќе од десет компјутери (десктоп и лап-топ компјутери), УСБ и микро СД мемориски картички, мобилни телефони, таблети, два пиштола, парични средства и обемна службена документација.
Истрагата е спроведена во изминатите два месеци во соработка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи со меѓународните организации ОЛАФ и ЕВРОПРАВДА, како и со повеќе држави – Италија, Холандија, Романија и други европски земји. Предметот е од меѓународни димензии и е инициран од страна на Европската служба за спречување измама – ОЛАФ која преку Јавното обвинителство во Милано доставила замолница за меѓународна правна помош до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
– По наредба на надлежен јавен обвинител, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал спроведе истражни дејствија и обезбедување докази во врска со нерегуларности, измами и корупција во неколку проекти спроведени во различни институции во нашата држава, финансирани од Европската Унија. Извршени се проверки и потврдување на сомненијата за корупција при доделување на ИПА Фондови во износ од 1.2 милиони евра, во период 2014-2016 година, каде инволвирани биле двајца македонски државјани, а дејствијата биле извршени во Италија, Холандија, Обединето Кралство, Романија и во други европски земји.Во рамките на истрагата во ЕВРОПРАВДА во Хаг беше одржан и координативен работен состанок заради размена на првични информации и донесување заклучоци за спроведување заеднички координирани активности за обезбедување докази во Република Италија и РС Македонија, информираа денеска од Основното јавно обвинителство за организран криминал и корупација.