Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска ја испита министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која е подносител на кривичната пријава против непознат сторител за кривично дело  – злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик која се однесува на невршење на распределба на осигуреници во вториот столб од пензискиот систем и неисплата на придонеси во приватните пензиски фондови.

-Во својот исказ таа изнесе одредени сознанија во врска со наводите во пријавата без притоа да посочи можен сторител на кривичното дело со утврден идентитет. Надлежниот јавен обвинител побара од подносителот на пријавата дополнително да достави определени материјални докази кои ги спомена во својот исказ, соопшти Јавното обвинителство на Република Македонија.

Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со преземање други дејствија за проверка на наводите во пријавата.

Надлежниот јавен обвинител од Државниот завод за ревизија ќе ги побара изготвените извештаи за извршена ревизија во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во критичниот период, а на распит ќе биде повикан и претставник на Фондот за да даде свое појаснување во врска со наведеното во пријавата.

Претходно министерката Царовска изјави:

– Одговорно и отчетно постапувам со тоа што ја известувам јавноста и го информирам Јавното обвинителство за сите сознанија, изјави таа откако денеска даде изјава во Јавното обвинителство во врска со непрефрлање на придонесите во Вториот пензиски столб изминатите десетина години.

Царовска не сакаше да изнесе повеќе детали, бидејќи постапката е во тек, а во Обвинителството била во својство на сведок.

Поканата до Царовска доаѓа откако до скопското Јавно обвинителство беше поднесена кривична пријава од Министерството за труд и социјална политика против непознати сторители за неуплаќањето средства во Вториот пензиски столб на 12 илјади осигуреници.

Според изјавата на министерката Царовска дадена минатата недела, 19 милиони евра за пензиско осигурување во изминатите десет години не се уплаќани во Вториот пензински столб.