Горан ЈОВАНОВСКИ од Тетово на протестот на ВМРО-ДПМНЕ
Моето обраќање ќе го започнам со говорот на Методија Андонов – Ченто на Шаторов камен, Прилеп, Илинден, 2 август 1940 година прилагоден за 2020 година.
„За нашата слобода и правда само ние треба да се избориме. Не треба да веруваме на никого од страна. Нивните ветувања и поддршки се празни, затоа што нѐ поткрепуваат дури им требаме да ги остварат сопствените интереси, а потоа ги забораваат. Ние треба да му покажеме на светот дека сѐ уште ги немаме своите национални права, дека СДС се трудат да нѐ одродат и од нас да направат Грци и Бугари“.
Застрашувачки како и после 80 години од говорот на Ченто, ние не успеавме да го убедиме светот за своите национални права.
Живееме во време на СДС и нивното “европско владеење на правото”, а тоа во мојот случај како администртивен службеник со 12 години искуство во јавен сектор и 10 години искуство во приватен сектор значи:
Континуирано омаловажување, закани и притисоци со кривични и дисциплински постапки само заради мојата национална и етничка припадност, политичка припадност и синдикален активизам. Два пати ми изрекуваат отказ од работа затоа што сум го нарушил сопствениот углед заради кое добивам отказ од работен однос. Веднаш после изборите не ме враќаат на работа и без никаков основ и правен акт после мирување на работниот однос само затоа што сум бил дел од техничката влада во кабинетот на дополнителниот заменик на министерот кој е предложен од ВМРО – ДПМНЕ.
До пред 3 години во државната и јавна администрацијата имаше 95% стручни и мотивирани службеници и само 5% неработници, денес имаме 95% казнети, дискриминирани, омаловажени, условени, понижени и исплашени службеници и а замислете 5% привилегирани, нестручни и полуписмени уништувачи на институциите за кои 7 пати се менуваа: Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, за да се избришат критериумите стручност и компетентност.
Дека сериозно му пристапуваат на реваншизмот, СДСМ со нивното “европско владеење на правото” два месеци не постапува ниту еден инспекторат за мојот предмет, додека инспекцискиот совет, второстепени комисии, народен правобранител, невладин сектор и медиумите се само декор во новото хибридно општество во кое не можам да го остварам елементарно и ноторно право од работен однос да се вратам после мирување. Замислете само доколку како реципроцитет и на ист начин се постапува во иднина и на сите избрани и именувани лица кои денес, после завршување на мандатот, да не можат да се вратат на претходните работни места и со месеци да бидат без плата, без здравствено осигурување, и без никаков правен акт едноставно да не ги примаат на рабoта и со едноставна изјава да им кажат: Нe доаѓај на работа, вршите притисок.
Браќа и сестри, „Стравот е страшен само за оние што му се плашат“.
Јас се борев за совршенство во делокругот на моето работење и ќе продолжам по тој пат, но денес како Македонец од Македонија се борам за слобода и за правда.
Народот е заблуден, заслепен и излажан.
Нашите идеолошки претходници лесно регрутирале нови борци за слобода затоа што независно од условите за живот, на повикот за слободна Македонија веднаш пристапувале. Денес Македонците ја игнорираат реалноста и поверуваа на ликови кои се прикажуваат како светци, а во суштина се крволочни волци. Затоа, наша е обврската да ја обзнаниме вистината и реалноста и да ја пренесеме на секој граѓанин:
- правда повеќе не постои,
- ниту едно семејство не е извлечено од сиромаштија, напротив се зголемува бројот на сиромашни,
- бесплатното образование стана привилегија на богатите а сиромашните се стигматизираат,
- бизнисмените не го шират своето производство се борат како да ги покријат фиксните трошоци за да преживеат,
- земјоделците повеќе пари ќе добијат ако ги зафати временска непогода одколку да го продадат својот производ,
- во здравството останаа само аплаузите, а во културата се борат за минимална плата.
Сплотени и силни ќе го победиме злото, ќе ја вратиме слободата, ќе ја вратиме насмевката и единствена грижа ќе ни биде како да бидеме совршени во работата која сме ја одбрале.
Слобода и правда за Македонија.
Јас сум Горан Јовановски од Тетово и ја сакам Македонија!
Да живее ВМРО-ДПМНЕ, Да живее Македонија !