И министерот за здравство и Владата сакаат што побргу Македонија да се куртули од коронавирусот, но граѓаните сигурно тоа го сакаат уште повеќе.

Владата диктира како да се води битката, граѓаните мора да слушаат и да молчат со маски на устите. Така е со владините мерки за почетниот бран на вирусот што почна неколку месеци пред Ѓурѓовден, така е и за овој кога една од мерките на Владата е да ни бројат колку гости ќе имаме за Митровден.

Во ред е, сите влади во светов носат мерки, но проблемот е што граѓаните не можат да ги сварат нелогичностите или подобро кажано апсурдите. Една од последните мерки е задолжително носење маска, и на отворено и на затворено, дури и кога човек е осамен на улица. И веднаш потоа апсурдот: Еден од исклучоците на ова правило е доколку седите на маса в кафеана. А како што е познато со новите мерки в кафеана на маса може да седат по четворица наместо како досега по 12 души.

Тоа, според владините мерки, значи дека коронавирусот не седи во кафеани, ами шета по улици и паркови. Или дека и Ковид-19 се плаши од пијаните и бега од напиените. Оти познато е дека алкохолот го уништува вирусот, а не е докажано дека маските штитат. Тоа го тврдеше на почетокот од епидемијата и министерот за здравство и многу други експерти кои нагласуваа дека „маските на здрави лица и на отворен простор“ се дури и штетни.

Ова е само еден од низата апсурди во владините мерки. Друг е отворањето на границите без тестирање за коронавирус во деновите кога се регистрира најголемиот рекорд во новозаразени во еден ден. Трет е луѓето не смеат да се групираат на јавни места повеќемина од четири лица, а во автобусите на јавниот превоз може да се настискаат не по четириесет туку по четиристотини ако ги собира. А стискање во автобусите има секој ден, бидејќи градските власти на Скопје имаат „свои мерки“ па го скратија бројот на автобуси што ги пуштаат во сообраќај.

Апсурди има уште… И за жал секој ден се поголем број на заразени. Ова ги иритира граѓаните, наместо да ги мотивира што повеќе да ги почитуваат мерките за борба против вирусот.

Тоа, пак, укажува дека Владата носи мерки без да ги измери, а од граѓаните се бара да ги почитуваат или да плаќаат казни. И така граѓаните се двојно казнети: еднаш од коронавирусот и последиците од него и вторпат за непочитување на некоја од апсурдните мерки на Владата.

Димитар Грумар