Христијан МИЦКОСКИ на вечерашниот протест:

Благодарам што денеска дојдовте овдека да протестираме заедно против сите оние неправди кои што за жал се денеска секојдневие во нашата Македонија.

Пред да започнам, ве молам користиме маските за да се заштитиме себе си и тие околу вас. И покрај заразата тоа што денес сме собрани овде укажува дека на народот му е прекипено и има вистинска мака, а таа мака денеска се вика мафија. Taa мафија донесе реваншизам по сите основи и терор врз обичниот човек. И тука не зборувам само за терор, притисоци и уцени врз ВМРО-ДПМНЕ, туку за реваншизам кон се што е различно од мафијата и различно од СДСМ.

И овој протест го посветувам првенствено на стотиците, илјадниците луѓе кои трпат терор и мобинг на дневна основа само затоа што ја говорат вистината за мафијата. Ќе зборувам оваа вечер за вистински примери.

И ќе набројам неколку случаи кои се еклантантен пример за ова и ќе ја замолам јавноста и медиумите да обрнат внимание на сето тоа. Затоа што тоа е последната брана преку која се обидуваат да ја зачуваат сопствената фотелја. А, фотелјата за нив значи пари, моќ, но и поважно одложување на тоа да се соочат со одговорност. Но иако тоа може малку да доцни треба да знаат дека од правдата нема да избегаат. И ќе се соочат со неа еден ден. Ви го давам зборот за тоа.

А, сега почитувани браќа и сестри би сакал да споменам неколку примери кои што треба секој да ги знае, а кои што нели власта на дневна основа ги спроведува и тоа:

– Денеска можете да сретнете татко на три деца кој останал без работа само затоа што одбил да излезе и да гласа на последните предвремени парламентарни избори за коалицијата која што ја предводеше СДСМ.

– Самохрана мајка е оставена без единствените приходи и избркана од работа само затоа што одбила да биде дел од структурите на СДСМ и да земе членска книшка од СДСМ.

– Преместен на работно место од Скопје во Кичево на ископ на јаглен, за да сам си замине од работа затоа што гласно рекол дека Заев е криминалец. Му ги скратиле субвенциите затоа што излегол да протестира за парите кои министерството за земјоделие му ги ветило, а не го исплатило.

– Го дале на дисциплинска одговорност само затоа што бил забележан во спотовите кои што на изминативе предвремени парламентарни избори биле промотивни за Коалицијата која што ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ.

Да не зборам за оние бројни стигматизирања, притисоци на дневна основа на луѓе кои се чесни и не мислат како власта. И не е само реваншизмот во државните институции, туку и теророт на мафијата секаде каде што таа може да допре. Имаме отпуштања од работа кај поголеми приватни фирми кои се блиски до власта. Да не зборам за уцените кои ги прават кон газдите на компаниите за да тие благонадежно одработуваат за истата таа власт.

Ги чувме вечерва и Горан и Кире. Проговорија јавно затоа што нема што повеќе да загубат. И го бранат своето достоинство, својата чест и својот углед. А, како нив има стотици, да не речам илјадници. И знаете каква неправда е да избркате човек од работа поради став или мислење различно од вашето. Да ги оставите без корка леб кога за мафијата има милиони. Кога родител не може да обезбеди

пристојна вечера за своите деца. Кога луѓе грамади плачат затоа што власта им ги уништува семејствата.

Нема да ги споменам имињата на жртвите од теророт иако им ги знам судбините, им ги знам маките и им ги знам страдањата. За секој еден од нив денес протестирам за да се чуе гласно за нивната судбината. Сакам сите да знаат овој терор и реваншизам се случува не затоа што е силна мафијата, туку затоа што се кукавици, и затоа што се уплашени. Тие се уплашени затоа што луѓето гласно говорат.

А слична судбина ги чека и приватните компании, бидејќи ги слушнавме пред некој како Заев се фали дека имал стратегија за приватните компании, оние кои бележат загуби да ги остави да потонат, а на оние на кои локомотивите им влечеле напред ги вика да им помогнел. Такви локомотиви се плантажите за марихуана на бате Вице, а на сите други Заев им порача да не чекаат помош од државата туку да го стават клучот и да ја затворат вратата. Толку ниско падна премиерот што се фали колку универзитети, колку факултети затворил, а не колку отворил, затоа што нема такви со што да се пофали.

Имаме силна дисторзија на вредностите во секакаков поглед. Тоа мора да престане. Мора да престане теророт врз луѓето. Мора да престане тие да губат работа затоа што се припадници на некоја партија или мислат поразлично од власта. И за сето ова ја повикувам и меѓународната заедница и таа иста меѓународна заедница која што се повикува на владеење на правото да излезе и да ги слушне овие човечки судбини, да слушне како денеска родителите солзи ронат затоа што не можат да обезбедат пристојна егзистенција за своите семејства, затоа што ги гледаат натажените лица на своите деца на кои што не можат да им обезбедат компјутер за да следат настава како што тоа го прават своите врсници затоа што имале само еден грев, биле активисти или ја подржувале опозицијата, или имале различно мислење од тоа кое што го има власта. Затоа ги повикувам и сите оние невладини или владини организации кои што денеска користат грантови, излезет поразговарајте и со Горан, и со Кире, но поразговарајте и со сите оние илјадници ваши сограѓани кои што денеска не знаат како ќе го поминат месецот. Разговарајте за нивната судбина, да видите зошто истите тие денеска протестираат овде. Протестираат овде затоа што протестираат против неправдата и маката која што е нанесена од СДСМ и Зоран Заев. Затоа што денеска се преместуваат луѓе од Скопје во Кичево, од Кичево во Битола, од Битола во Велес, од Велес во Делчево само затоа што се неистомисленици. Неистомисленици со власта. Затоа ве повикувам сите да ни се придружите и на следниве вакви настани. И на следните протести кои што ќе бидат од различен карактер и со различна содржина.

Да се исправиме пред неправдите, да си ја земеме судбината во наши раце. Затоа што никој не може да ни помогне ако самите не си помогнеме.

Нема да бидеме поблиску до Европската унија кога луѓе трпат тортура и реваншизам. Европа таквите перјаници и кукавици кои го прават тоа ги реди на маргините и со лицето свртено и соочено со правдата. Затоа како што кажав денеска протестираме од министерството за неправда до министерството за тортура, ова овде позади мене. За да кажеме дека народот го победил стравот и дека ќе паднат без оглед колку силно сега се држат заковани, залепени за нивните удобни фотелји.

А, секој обесправен, се до последниот, без разлика дали таа тортура е кон Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Влав, Бошњак, Еѓипќанец и останатите да ми простат што не ги споменав наши сограѓани од различна етничка припадност, дали е ВМРО-ДПМНЕ или не е, може да се обрати до нашата партија и ќе наиде на отворена врата.

Ние сме со народот, ќе ви помогнеме, ќе ве одбраниме и заедно ќе истраеме, затоа што така заедно сме посилни и само така можеме заеднички да ја одбраниме Македонија.