Јавното обвинителство на Македонија најде низа пропусти при претресот во Управата за финансиска полиција. Ги напиша во извештај откако директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми до обвинителот Љубомир Јовески испрати претставка за случувањата.
Според извештајот, обвинителите кои го работеле предметот, постапувале ненадлежно, бидејќи за Финансиската полиција, надлежно било одделението за гонење кривични дела извршени од лица со полициски овластувања.
– „При заведувањето на оформениот предмет нарушена е хоризонталната надлежност и организацијата на Јавното обвинителство. Кривичната пријава се однесува на лица од Управата за финансиска полиција, кои имаат полициски овластувања, а по таквите пријави надлежно е да постапува Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. При увидот е констатирано дека во списите постои само барање за претрес и писмо, кои се први дејствија преземени во постапката по анонимната кривична пријава. Исто така, укажано е дека од содржината и наводите во кривичната пријава не произлегуваат дејствија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание“, велат од Јавно обвинителство на Р Македонија.
Но, со ова не се согласува шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, која се повикува на Законот за Јавно обвинителство, а каде во Член 56 став 4 е наведено дека Јавниот обвинител не може да донесува упатства и насоки за работата на конкретни предмети на јавните обвинителства. Таа за ТВ 24 вели – државниот јавен обвинител не само што не смеел да носи насоки, туку и извештајот го немал доставено до Обвинителствто со кое раководи.
– „Покрај тоа што немаат законски право да се мешаат во постапување по конкретен предмет, прашање е дали директорот има полициски овластувања со оглед на тоа што го именува Владата. Покрај тоа, задолжението го немаат доставено до нас. За истото разбравме од медиумите. Не е добро една институција да се расправа меѓусебно преку медиуми“, вели Вилма Русковска – Шефица на ЈО ГОКК.
Според извештајот, Рускоска е задолжена да го испита постапувањето по овој предмет, а по утврдување на состојбата, пропустите и фактите, за евентуална одговорност, да достави информација до државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески.