Партиската пешадија на СДСМ „дезертира“ од мобилизацијата за утрешната прослава на најголемиот македонски национален празник Илинден, што беше најавено за да нема исвиркување на „партиските и државни водачи“.

Откако вчера беше објавено дека владејачкиот СДСМ го мобилизира партиското членство, за утрешната прослава на Илинден во Крушево, каде ќе држи говор партискиот лидер и премиер Димитар Ковачевски, на социјалните мрежи и во медиумите има бројни реакции.

Порталот Плусинфо во текст со наслов „Откажува ли послушност партиската пешадија на СДСМ“ бележи иронични коментари од активисти и членови на СДСМ: „На Илинден да си ги викнете дебелите директори и функционери што јадат шкампи!“.

„Каде ви се ликовите со по три до пет вработени по фамилија? Каде ви се директорите со дебели газови што јадат шкампи по елитни ресторани додека дел од членството нема пари да си плати кафе? Каде ви се спонзорушите и мисиците, кои ги топорите на слики кога има владин хепенинг“ пренесува порталот изјава на експониран активист на СДСМ.

Бројни се коментарите и на социјалните мрежи во врска со „мобилизацијата на партиската пешадија“ за утрешниот марш на Мечкин Камен за спас на Ковачевски и останатите од власта од исвиркување на народот.