Јавниот обвинител Љубомир Јовески, вели дека во потрагата по парите од торбата „Луј Витон“, која јавноста ја виде на објавените снимки од криминалната афера Рекет, истражуваат дали инволвираните во предметот имаат сефови и негира дека истрагата се одолговлекува.
-Го почнавме овој предмет од записник за поднесена кривична пријава, обезбедивме докази и ја почнавме финансиската истрага. До моментот на отворање на истрагата имавме сослушано петнаесетина лица. Се добива впечаток во јавноста дека работиме само кога повикуваме сведоци, но ние имавме определени моменти кога чекавме вештачења и анализи, изјави Јовески во Код на ТВ Телма.
На прашањето дали е точно дека екс шефицата на СЈО, Катица Јанева, присуствувала на предавањето на половина милион евра, првата транша од рекетот, во станот на првоосомничениот Бојан Јовановски – Боки 13, Јовески рече дека таков факт се уште не е потврден.
Тој тврд дека досегашните докази укажувале дека парите не водат кај политичари.
Јовески потврди дека има наоди за вмешаност на адвокат и судија, кои наскоро треба да бидат повикани на распит во Обвинителството на Вилма Русковска.