Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ во денешната реакција на прес-конференцијата на Независниот синдикат на возачи (НСВ) при ЈСП „Скопје“ наведува дека се работи за паушални и неосновани обвинувања на адреса на менаџментот на претпријатието.
– Лага е дека директорот и менаџментот направиле упад во просториите на НСВ и му ја одзеле документацијата. Целата процедура се спроведе согласно законот со наменски формирана комисија и направен записник, бидејќи и покрај постигнатиот договор за напуштање на просториите, НСВ не го стори тоа во договорениот рок. Документацијата на НСВ се наоѓа во пломбираната просторија и претставник на НСВ, во договорено време, ќе може да ја подигне, се вели во реакцијата на ЈСП „Скопје“.
Оттаму посочуваат дека на НСВ и на другите два синдиката кои функционираат во рамки на ЈСП „Скопје“ уште во мај годинава им било најавено да ги напуштат просториите поради тоа што му биле потребни за работа и непречено функционирање на претпријатието.
– Но, и покрај постигнат договор на одржан состанок, НСВ не ја ослободи работната просторија, која патем претежно ја користеше за приватни цели. Имајќи предвид дека договорениот рок од три месеци за напуштање на просториите не беше испочитуван, се поведе постапка со опомена и даден рок од пет дена за напуштање на предметните простории, кои инаку се сопственост на ЈСП „Скопје“, стои во реакцијата.
НСВ, како што се наведува, останаа глуви и на овој рок, па така вчера се спроведе испразнување на просториите кое се реализираше преку наменски формирана комисија, која направи записник за испразнување на просторијата од луѓе и ствари. Во реакцијата се посочува дека вчера најбројниот репрезентативен синдикат на ССН при ЈСП „Скопје“, кој брои преку 800 членови, ја испразнил својата работна просторија и ја предал на работодавецот.
– Согласно Законот за работни односи и колективниот договор на ЈСП „Скопје“, чиј еден од потписниците е и НСВ, децидно стои дека работни простории, работодавецот е должен да обезбеди само на најбројниот, репрезентативен синдикат. Но, и во овој случај, привремено, ЈСП нема да обезбеди простории за најбројниот синдикат поради недостиг, а нужна потреба од работен простор за администрацијата, напоменуваат од ЈСП „Скопје“.
ЈСП „Скопје“ ги отфрла отфрла обвинувањата дека раководството на претпријатието се меша во синдикалното работење на било кој од трите синдикати. Сметаат дека НСВ презема активности кои не се во негови ингеренции и не спаѓаат во надлежност на било која организација.
– НСВ изманипулира дел од своите членови, односно ги поттикна да поднесат тужби до ЈСП за исплата на регрес за претходните три години. Тужбите беа изгубени и сега тужителите треба да платат трошоци од преку 40.000 денари, за што независниот синдикат се оградува. Овој синдикат ги поттикна инвалидите на трудот, исто нивни членови, да поднесуваат тужби за права кои согласно закон и колективен договор на ЈСП не им следуваат. Тие ги изгубија споровите, се вели во реакцијата на ЈСП „Скопје“.