Не постои веќе можност за преразгледување на договорот за излез на Велика Британија од ЕУ, изјави денеска пред Европарламентот во Стразбур претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер.
Тој истакна дека е изненаден од последните случувања, а тоа се најавите на британската премиерка Тереза Меј дека ќе се обиде да ги предоговори условите.
– На крајот од минатиот месец постигнавме договор со британската Влада. До вечер ќе разговарам со премиерката Меј, нагласи Јункер.
Тој изјави дека постигнатиот договор е најдобриот и единствено можен.
– Нема простор за предоговарање, единствено постои можност за појаснување и толкување, но без преразгледување на текстот. Тоа треба да им биде јасно на сите, додаде претседателот на ЕК.