Европската Унија и Велика Британија се уште се доста далеку од договор за Брегзитот, изјави денеска претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во Салцбирг, каде учествува на Самиот на ЕУ.

Извори од Брисел инфромираа дека преговарачките страни усогласиле поголем дел од договорот за истапување на Велика Британиај од ЕУ, но дека и натаму има „сериозни разлики“ во врска со трговските односи и границата меѓу Република Ирска и британската покраина Северна Ирска.

Според истите извори, доколку овие разлики не бидат надминати, би можеле да доведат до пропаѓање на целиот преговарачки процес.

Британскиот премиер Тереза Меј претходно денеска ги повика лидерите на ЕУ да земат пример од неа и да направат отстапки од своите позиции со цел да биде постигнат компромисен договор.

– Уверена сум дека со добра волја и решителност можеме да постигнеме договор, што ќе биде добар за двете страни, изјави Меј.