Рускиот вицепремиер Јуриј Борисов, кој е задолжен за одбранбена индустрија, изјави денеска дека руските трупи не се разместени во Венецуела, каде се одржуваат антивладини протести.
На прашањето дали има руски војници во Венецуела тој одговори одречно.
– Не. Ние ја следиме ситуацијата, рече рускиот вицепремиер.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова денеска изјави дека Русија не планира да ги евакуира своите дипломати и граѓани од Венецуела.
– Нема планови за евакуација, ниту за руските дипломати и нивните семејства, ниту за државјаните на Русија, вклучувајќи ги и вработените во руските компании и мисии, тоа можам да го потврдам, рече Захарова.
Некои странски медиуми претходно објавија дека Русија се подготвува да ги евакуира своите државјани од Венецуела, поради актуелната политичка криза во земјата.
Захарова, исто така, нагласи дека Русија е подготвена да се приклучи на „посредничките и консултативните напори“ за наоѓање решение за Венецуела.
– Состојбата во Венецуела е исклучително напната. Протестите продолжуваат. Излезот од оваа состојба се гледа во опширен, внатрешен дијалог во Венецуела. Ние сме подготвени да се приклучиме на медијаторскиот и консултативниот механизам прифатен од страните во Венецуела. Ја поздравуваме подготвеноста на претседателот Николас Мадуро да ги прифати таквите меѓународни напори, истакна Захарова.