Јужнокорејското Министерство за одбрана денеска соопшти дека ќе продолжи со воената активност во близина на линијата за демаркација на границата со Северна Кореја и на нејзините северозападни острови, по вчерашната одлука за суспендирање на воениот договор со Пјонгјанг од 2018 година.
– Со оваа мерка се обновуваат сите воени активности на нашата армија кои беа суспендирани со договорот од 2018 година, се наведува во соопштението, во кое се истакнува дека армијата „ќе ги преземе сите можни мерки“ за заштита на животите и безбедноста на граѓаните на Јужна Кореја, пренесува Јонхап.
Се додава дека за таа одлука е одговорен „севернокорејскиот режим“.
– Доколку Северот се обиде да изврши дополнителни провокации, нашата армија силно ќе возврати, истакнува јужнокорејското Министерство.
Претседателскиот совет за национална безбедност на Јужна Кореја вчера одлучи да го суспендира воениот договор од 2018 година со Пјонгјанг додека не се врати меѓусебната доверба, како одговор на масовното испраќање балони со смет од Северна во Јужна Кореја.
Северна Кореја од четвртокот испрати речиси 1.000 балони со смет во Јужна Кореја во, како што рече Пјонгјанг, кампања против јужнокорејските активисти кои испраќаат балони со пропаганден материјал кои ги критикуваат севернокорејските власти.
Во оваа акција немаше човечки жртви, но падот на некои балони предизвика материјална штета, наведува Јонхап.
Јужна Кореја во неделата соопшти дека наскоро ќе преземе големи одмазднички чекори, а Северна Кореја потоа соопшти дека привремено ќе го прекине испраќањето балони.
Во април 2018 година, тогашниот јужнокорејски претседател Мун Џе-ин и севернокорејскиот врховен водач Ким Џонг Ун се состанаа во селото Панмунџом и ја потпишаа Декларацијата Панмунџом, по што следеше заедничка декларација потпишана во Пјонгјанг во септември 2018 година.
Воениот договор, анекс на заедничката декларација, беше потпишан на 19 септември 2018 година, за да се запрат сите непријателски воени дејствија и да се воспостават тампон зони преку меѓукорејската граница на копно, море и воздух.