Кабинетот на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол денеска објави дека испраќањето војници од Северна Кореја во Русија е „сериозна закана за меѓународната безбедност“ и дека ќе одговори на тоа со сите расположливи средства.
На состанокот со клучните разузнавачки, воени и безбедносни претставници, беше истакнато дека моменталната ситуација во воените односи меѓу Русија и Северна Кореја е „сериозна закана не само за Јужна Кореја, туку и за меѓународната заедница“.
Јужнокорејските власти соопштија дека е веројатно некои севернокорејски војници во Русија да се вмешани во конфликтот во Украина, но не дадоа дополнителни детали.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно ја обвини Северна Кореја дека испраќа офицери да и помогнат на Русија, додека генералниот секретар на НАТО Марк Руте рече дека во моментов нема докази за присуство на Пјонгјанг во војната.
Јужнокорејски и американски официјални лица тврдат дека Северна Кореја и доставува балистички ракети и друга муниција на Русија, обвинение кое и Пјонгјанг и Москва го негираа.
Кремљ, исто така, ги отфрли тврдењата на Јужна Кореја за испраќање воен персонал во Русија.
фото: МИА архива