Министрите за одбрана на Јужна Кореја и Јапонија, Ан Гју-бак и Шинџиро Коизуми денеска постигнаа договор за продолжување на напорите за продлабочување на билатералната размена и соработка меѓу двете земји, вклучително и во областа на напредната технологија, како што е вештачката интелигенција, соопшти јужнокорејското Министерство за одбрана.

Во заедничко соопштение за медиумите се наведува дека „двајцата министри се согласиле да продолжат да ја подобруваат размената и соработката“ меѓу акробатските тимови на двете земји, односно група високо обучени пилоти кои изведуваат спектакуларни акробации и прецизни формации во воздух – јужнокорејските „Црни орли“ и јапонските „Сини импулси“, пренесува јужнокорејска новинска агенција.

Во соопштението, кое беше испратено до медиумите по разговорите во Сеул, се додава дека министрите за одбрана на двете земји „исто така се согласиле дополнително да развиваат вежби за пребарување и спасување за разни поморски непредвидени ситуации и да се залагаат за поголема соработка во напредните области на науката и технологијата, вклучително и вештачката интелигенција“.