Работниците во приватниот сектор и годинава имаат право на регрес за годишен одмор, познат како К-15, кој работодавачите треба да го исплатат најдоцна до 31 декември. Минималниот износ за 2026 година е околу 19.116 денари.
Право на регрес имаат вработените кои во текот на календарската година работеле најмалку шест месеци непрекинато кај истиот работодавач.
Висината на К-15 не е фиксна сума, туку се пресметува врз основа на просечната месечна нето-плата по работник во државата, исплатена во последните три месеци пред месецот во кој се врши исплатата на регресот.
Според правилата, регресот треба да изнесува најмалку 40 отсто од просечната нето-плата исплатена во последните три месеци. Во зависност од условите утврдени со колективниот договор, работодавачот може да исплати и повисок износ.
За работодавачите кои нема да го исплатат регресот се предвидени парични санкции. Санкции се предвидени и доколку работникот биде присилен да му го врати исплатениот К-15 во готовина. За ваквото постапување, според важечките прописи, може да следува и затворска казна до една година.




