Претседателот Стево Пендаровски за време на работната посета на САД по повод учеството на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации, вчера попладне во Чикаго, како почесен гостин, присуствуваше и се обрати на донаторска вечера „Патишта кон просперитет“ во организација на „Македонија2025“.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на свеченоста Пендаровски го одликуваше главниот извршен директор на Боинг, Дејвид Л. Калхун со Орден „8 Септември“ за неговиот особен и посветен придонес во развојот и унапредувањето на македонско-американските стратешки и деловни односи и за економскиот напредок на нашата земја.
Претседателот Пендаровски го врачи и признанието „Diaspora Recognition Awards 2023“, коешто Македонија 2025, под негово покровителство, им го додели на Стенли Томас и на Влатко Андоновски, во чест на нивните придонеси и достигнувања.
Тој посочи дека „Македонија 2025“ е една од водечките организации на македонската дијаспора, посветена на развојот и економскиот напредок на нашата татковина и нејзините граѓани уште од основањето во 2007 година. Со иницирањето и организацијата на овој настан, како што рече, тие уште еднаш ја потврдуваат нивната релевантност и визија за нашата подобра иднина.
– Освен бројните активности, вклучително и традиционалните годишни конференции, програмата за стипендирање на средношколци, Охридскиот камп за високо-технолошка извонредност во соработка со Кабинетот на претседателот кој успешно се одржува веќе три години, неодамна воспоставивме и првпат го доделивме Признанието за особен придонес за истакнати членови на дијаспората. Наградата го вреднува исклучителниот придонес од страна на членови на македонската дијаспора во насока на зачувување и афирмација на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности, рече Пендаровски.
Шефот на држвата потенцира дека потребни ни се организации и поединци кои придонесуваат во градењето на блиски и продуктивни врски помеѓу Република Македонија и нејзината дијаспора.
– Ова понекогаш значи и надминување на големите очекувања кои постојат и овде, но и кај сонародниците во татковината. Она што најпрво треба да го направиме е да ги оставиме настрана сентименталноста и емоциите, бидејќи она што ни е потребно е прагматизам. Она што ни е потребно е ситуација во која сите сме победници, и оттука, наш заеднички потфат треба да биде отворање на патишта за што поблиска комуникација помеѓу нас, која цели кон нови иницијативи и инвестиции, изјави Пендаровски.
Претседателот Пендаровски порача дека мора да бидеме внимателни, мудро да ги користиме ресурсите кои ни се на располагање и да најдеме начин како да им помогнеме на најпогодените.
– Ова може да се постигне само преку емпатија, заедништво и солидарност. Да ги оставиме на страна за миг нашите лични амбиции и да одвоиме делче од нашето време за да придонесеме за доброто на нацијата, рече Пендаровски.
Според него, само преку следење на примерот на нашите големи лидери и заедничка работа, ќе можеме да придонесеме многу повеќе за многу понапредна држава.
– Вечерва со нас е Дејвид Калхун, претседател и главен извршен директор на Боинг. Како симболичен гест на благодарност во име на сите македонски граѓани, би сакал да го одликувам со орденот „8 Септември“, едно од највисоките државни одликувања, како признание за неговиот непроценлив придонес во изградбата на македонско – американските деловни односи и поддршката за македонската економија. Знаете, со тек на време, некои професионални ангажмани одат подалеку од рамките на деловната комуникација и поставуваат силни темели за долгорочни пријателства, рече Пендаровски.
На донаторска вечера се славеа македонската култура и традиција, а присутните гости ја слушнаа македонска музика и уживаа во македонската кујна.