Кабинетот на бугарсиот претседател Руме Радев и Министерството за надворешни работи во Софија реагираа на, како се наведува, навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од функционери од Република Македонија.
– Манипулацијата со фактите и хистеричните реакции на Владата на РС Македонија не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака во односите со Бугарија да го напуштат полето на провокации и оркестрирани скандали. Отворениот и конструктивен дијалог, дури и на неформална средба, каква што се одржа меѓу претседателите на Бугарија и РС Македонија на 13 септември, очигледно во голема мера вознемири одредени кругови во владата на С. Македонија. За „цивилизираноста“ на новата влада на РС Македонија допрва ќе се оценува според тоа дали таа ќе продолжи да биде дел од кампањите за поттикнување омраза кон Бугарија или ќе им се спротивстави, како и од способноста да ги почитува меѓународните договори и нејзината вистинска посветеност на имплементацијата на Копенхашките критериуми за членство во Европската унија (ЕУ). Приклучувањето кон обединета Европа бара вистинска волја, систематски напори и конкретни резултати, се наведува во соопштението од прес-службата на претседателот Руме Радев.
Од бугарското МНР, пак, во реакцијата обвинуваат за неиспровоцирани неевропски реакции од Скопје во кои, како што велат, Софија не сака да учествува.
– Во врска со последователните навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од страна на функционери од РС Македонија, категорично одбиваме да се вклучиме во таков неевропски и неспоив со добро воспитен тон. Нашите партнери се известени за неиспровоцираните провокации, кои имаат за цел да го нарушат дијалогот. Уште еднаш потсетуваме на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на РС Македонија, стои во реакцијата на бугарското МНР.
Фото: МИА архива