Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски нема нарачано, платено, ниту спроведено анкета за истражување на јавно мислење. Носител на анкетата за јавно мислење е „Институтот за демократија – Социетас Цивилис“.
Ова е ставот од Кабинетот на претседателот на Република Македонија по повод наводите и прашањата за анализата на јавното мислење презентирана од страна на Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО) и „Институтот за демократија – Социетас Цивилис“.
– Ниту еден денар не е потрошен од буџетот на Кабинетот на претседателот Пендаровски. Финансиските средства за анкетата се обезбедени од буџетот на „Институтот за демократија – Социетас Цивилис“. Настанот на кој се презентираше анализата и имаше дебата е организирана во рамки на редовните активности на Претседателскиот центар за политичко образование и во согласност со Меморандумот за соработка склучен со Институтот за демократија, се појаснува во соопштението од Кабинетот на шефот на државата.
Целта на истражувањето, се наведува во соопштението, е популизмот и авторитарните тенденции како негативен општествен и политички феномен.
– Изразот „Човек од народот“ не се однесува на претседателот Пендаровски, туку е анализа на ставовите на граѓаните во однос на популистичките тенденции во политиката, наведуваат во соопштението од кабинетот на претседателот Пендаровски.