Крајот на војната во Појасот Газа е близу, изјави денеска израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, додека се наведува дека најмалку 10 лица загинаа на палестинската територија во последното деноноќие.

-Се ближиме кон крајот на операцијата во Газа, рече Кац, една недела откако еврејската држава ја заврши својата кратка војна со Иран.

Тој ги повтори израелските цели во конфликтот, вклучувајќи го ослободувањето на сите заложници и поразот на исламистичката група Хамас.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, за време на викендот изјави дека очекува наскоро прекин на огнот во Газа. Меѓутоа, не е јасно на што тој ја темелеше оваа негова општимистичка изјава.

Со денешната изјава Кац, се чини, го потврди оптимизмот на Трамп, но палестински извори велат дека вчерашниот ден бил уште еден крвав ден во крајбрежниот појас.

Најмалку 34 лица беа убиени во градот Газа, изјавија вработените во болницата Шифа, откако очевидци пријавија дека во израелски напад било погодено кафуле на шеталиштето.

Се наведува дека меѓу жртвите има неколку малолетници и жени, како и еден новинар.

Групата Хамас, која ја контролира Газа, соопшти дека цел на нападот бил камп за раселени лица на плажа.

Израелската армија тврди дека цел на нападот биле неколку членови на терористичката организација Хамас во северниот дел на Газа. Беше наведено дека претходно биле преземени мерки за заштита на цивилите, вклучително и воздушен надзор на областа.

Инцидентот моментално се истражува, се додава во соопштението.

Израелската армија не даде информации за можни жртви.

Според палестински медицински извори, во вчерашните израелски напади низ енклавата се убиени најмалку 100 лица.

фото: Архива