Раздвоената постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство за набавката на „мерцедесот“ од 600 илјади евра, продолжува утре со сослушување на сведоци.

Специјалниот јавен обвинител Стефчо Донев, во воведен говор на денешното рочиште, наведе дека Јанкулоска сторила злоупотреба на службената положба и овластување.

– Ќе докажеме дека Никола Груевски побарал од обвинетата Јанкулоска да направи незаконска набавка на „мерцедес гард“ со фаворизирање на операторот Мак Ауто Стар и за исполнување на тоа Јанкулоска ја искористила својата позиција за преку Ѓоко Поповски да изврши таква набавка. Од аудио снимките ќе докажеме дека иако јавната набавка е направена за потребите на МВР, тоа е направено зошто Груевски сакал да се вози во такво ново возило, но јавноста да не знае, изјави Донев.

Јанкулоска, во воведен говор пред Судот, наведе дека иако постапката се одвива во сложени услови, како издвоена од предмет за кој веќе има донесена одлука, сепак ќе ги побијат тврдењата дека со набавката се исполнувани нечии „лични желби“ и ќе докажат дека набавката е согласно стандардите за работа на Министерството.

– Набавката е извршена врз основа на внимателна оценка од служби надлежни за проблематиката за обезбедување лица и согласно важечките прописи. Без оглед на околностите, сепак се работи за случај каде постапката е спроведена на законски начин, рече Јанкулоска.

На денешното рочиште беа сослушани и двајца сведоци, предложени од обвинителството, едниот вработен во Мак Ауто Стар и другиот во Министерството за внатрешни работи.

Адвокатот на Јанкуловска, Боро Тасевски, пред судот изнесе проблем, дека утре во 10 часот има рочиште за овој случај, додека има закажано рочиште во 9 часот и 30 минути за предметот „Насилства во Центар“ каде застапува тројца обвинети, а во 10 часот и 30 минути има јавна седница на Апелација по жалба за одлука за Груевски.

– Сметам дека со ваквото закажувања на рочиштата се нарушува правото на ефективна одбрана. Барам да се одложи утрешното рочиште, истакна Тасевски.

Судијката Кацарска, на тоа кажа дека на утрешната расправа може еден од бранителите да не учествува, но барањето за одложување на расправата не се прифаќа.

– За следните рочишта има повикани сведоци и не може да се одложува, нагласи Кацарска.

За овој случај веќе е осуден поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор, а поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор.