Под полна морална, материјална и кривична одговорност пред цела македонска јавноста кажувам дека не сум реагирала кај ниеден судија. Вака зборуваше судијката Добрила Кацарска, во емисијата „Правда и неправда“ во поранешната телевизија 1ТВ на Бојан Јовановски, пишува порталот Република.
Кацарска тогаш ги отфрли обвинувањата од медиумите дека некогаш реагирала за било каков случај кај колегите судии. На прашањето дали е вистина дека реагирала за притворот на Орце Камчев, пак, затоа што нејзината ќерка работи во болницата „Систина“, Кацарска вели дека фамилијата Камчеви не се само нејзини пријатели, туку семејни пријатели.
-Ова пријателство не е од пред две или пет години. Уште чичко ми од студентски денови бил пријател со сега покојниот Илија Камчев. Покрај чичко ми, со Илија Камчев се дружеше и татко ми. Мојата мајка работеше преку 30 години кај Илија Камчев, а веќе со години е пензионер. Снаа за мој прв братучед триесетина години работеше кај Илија Камчев. Ќерка ми работи 10 години во „Систина“. Значи се работи за фамилијарно пријателство со години и тоа пријателство не само што не го кријам или не се дистанцирам од оваа фамилија после овој предмет, туку јавно ќе кажам дека јас сум среќна што тие луѓе биле дел од мојот живот, тие и сега се дел од мојот живот и така ќе остане и понатаму. Во поглед на моја реакција или мои интересирања кај мои колеги, под полна морална, материјална и кривична одговорност пред цела македонска јавноста кажувам дека не сум реагирала кај ниеден судија, рече Кацарска.
Бидејќи „тие луѓе ми се како фамилија, секако дека би барала изземање“, додаде судијката на прашањето што ако ѝ се падне предметот „Империја“.
Катица Јанева, пак, во истиот тој период, на истата телевизија, за судијката Кацарска ќе каже – дај боже сите да се како неа.
-Јас би сакала да бидам кратка. Дај боже судиите да се одважат и да бидат како судијката Кацарска, брзо и ефикасно да ги завршуваат предметите. Таа е еден од повозрасните судии, од кои сите сме учеле, бидејќи сум помлада, сум била и на нејзини обуки и ја ценам како професионалец и се надевам дека, а се случува тоа, ќе се забрзаат сите постапки, вели Јанева во емисијата на Сашо Ордановски.
Но денеска, на судењето за „Рекет“ Лиле Стефанова, обвинителката задолжена за случајот „Империја“ јасно и гласно пред судот го кажа спротивнот. Меѓу сите емисари: судии, обвинители, политичари и бизнисмени, кои кај неа се распрашувале или се обиделе да реагираат за овој случај, е и токму Добрила Кацарска.
-Таа не се јави кај мене, туку кај друг колега. Но, беше присутна тука во судот цела вечер кога се одлучуваше за мерката притвор на Орце Камчев. Беше присутна од рано утро, до другото утро следниот ден, сведочеше денеска Стефанова.
Кулминацијата на денешното судење, сепак, беше кога видно изреволтирана од ова сведочење на поранешната колешка, Јанева ѝ се одбруси со „ороспија“.
Откако беше исфрлена од судницата, Јанева остана на скалите тресејќи се и плачејќи, додека да се смири, пишува Република.