Подготвил: Дарко ЈАНЕВСКИ
Каде бил Исус во трите дена меѓу смртта на крстот и воскреснувањето? Во петок, околу 3 часот попладне тој умира. Во неделата наутро, жените кои доаѓаат до неговиот гроб, го наоѓаат празен, а на каменот е оставена само плаштаницата, за која некои денеска сметаат дека е во Ватикан, именувана како Торинско платно. Ангелот им објавува: Исус воскреснал. Но, каде бил во времето помеѓу?
Научниците сметаат дека дел од одговорот лежи во Првото Послание на апостол Петар. Во третата глава, стихови 18 и 19, се вели дека тој, „за да нè приведе кон Бога, еднаш пострада за гревовите наши; вистина, мртов по тело, но оживе духом, со кого, откако слезе, им проповеда и на духовите, кои беа во темнина!“
За некои теоретичари ова е доказ дека Исус се симнал во пеколот и им го проведал евангелието на мртвите сместени во пеколот. Но, зборот „проповеда“ во буквална смисла преведен од најстарите манускрипти значи „да им соопшти порака“!
Други сметаат дека не станува збор за мртвите, туку да им соопшти порака на заробените ангели кои скршнале од патот и да ги поведе со себе. Не знаеме за кои и какви ангели се работи. Ангели кои станале демони. Можеби станува збор за ангелите од Битието, глава 6, за ангелите кои кохабитирале со луѓето… Но, не знаеме точно кои се тие.
Но, и во едниот и во другиот случај, станува збор за „слегување“. Каде? Во пеколот? И само со духот? Што станува во меѓувреме со телото?
Како и да е. Исус се симнал. Евангелистите ја форсираат тезата дека се симнал во пеколот. Но, Петар не зборува за „пеколот‘“, туку вели „темнината“, а во Делата апостолски се вели дека „душата Негова нема да се остави во адот и дека телото Негово нема да види распаѓање“ (Дела 2:31).
Некои наши преводи го изедначуваат поимот „пекол“ и „ад“, но тоа всушност не е исто. Пеколот е место каде душите се оставени за вечност, а адот се однесува на „царството“ на мртвите, каде тие привремено се сместени додека се чека воскреснувањето.
Сето тоа заедно дава слика дека во некое време меѓу смртта и воскреснувањето, Исус го посетил царството на мртвите каде им предал порака на духовите (или им проповедал) или пак се симнал до заробените ангели. Пораките кои ги пренел се однесуваат на духовите кои „некогаш не се покорија“, значи тие кои не поверувале, во време кога „кога Божјата долготрпеливост ги очекуваше“, а тоа е времето „во деновите на Ноја“ (1 Пт, 3:20), што упатува дека сепак бил кај мртвите, а не кај ангелите, иако првото, не го исклучува и второто. Патем, за некои научници, зборовите „во деновите на Ноја“ се однесуваат на деновите пред потопот.
Петар не запишал во што се состои пораката која им ја пренел на заробените духови. Веројатно станува збор за објава на победата над ѓаволот и неговите следбеници. Што се случува потоа?
Така доаѓаме до Посланието на свети Павле до Ефесјаните, глава 4, каде Павле прашува „а, што означува „издигајќи се”, за веднаш да одговори: „Ако не тоа дека Он слезе пред тоа во најдолните места на земјата“ (стихови 7 и 8).
Тука се зборува за две работи:
Првата е во стих 7 каде се вели дека „на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов“, а втората е во стих 8 каде се вели: „Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето”.
Вториот стих е клучен: Исус ги пленил заробениците и им дал дарови, ним и на луѓето, оносно нив ги ослободил од заробеништвото и ги однел во рајот, а на луѓето им дал ослободени, трансформирани демони кои сега работат за Христа.
Ова е теоријата и толкувањето. Во прилог на ова, се наведува и Второто Послание на Петар, глава 2 стих 4 каде се вели:
„Зашто Бог, кога не ги поштеди ангелите што згрешија, туку ги турна во пеколот со вериги на мракот, ги предаде да бидат пазени за судот“.
А потоа додава: „Слегнатиот е Истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни се“.
Друг дел кој ја поткрепува теоријата за одењето на Исус во пеколот е Првото Послание на Петар, глава 3 стих 18 каде се вели:
„Бидејќи и Христос, за да нè приведе кон Бога, еднаш пострада за гревовите наши, праведник за неправедните; вистина, мртов по тело, но оживе духом…“
Овде е смртта на Исус, но тој продолжува да живее со духот, па следи стих 19:
„…со кого, откако слезе, им проповеда и на духовите, кои беа во темнина“.
Некои црковни теолози тврдат дека ова е сведоштво дека Исус се симнал во пеколот и им го проповедал евангелието, вистината, на духовите. Други велат дека не е точен зборот проповедал, не е точен преводот, туку станува збор за прокламација. Значи, едноставно им кажал – ова е вистината.
Тука, во стих 20 се дава одговор на прашањето кои се тие демони, односно ангели кои биле казнети:
„… и кои некогаш не се покорија, кога Божјата долготрпеливост ги очекуваше, во деновите на Ноја, при правењето на ковчегот, во кој малкумина, односно осум души се избавија од водата“.
Во стих 21 апостол Петар се осврнува на крштевањето велејќи дека образот на таа вода „крштавањето, но не отстранувањето на телесната нечистотија, туку ветувањето на Бога – добра совест – нè спасува сега и нас преку воскресението на Исуса Христа“.
Па продолжува во стих 22 за Исус: „Кој, откако се вознесе на небото, е оддесно на Бога, а Кому Му се покоруваат ангелите, властите и силите“.
Тоа е дополнение на претходните аргументи за Исусовиот престој во моментите меѓу распнувањето и воскресението.
Знаи, Исус бил во пеколот да ги ослободи ангелите кои не се покориле, кои се оддале на Сатаната и кои сега добивајќи простување биле ослободени, добивајќи можност да работат за Христа, а во полза на луѓето.
Сепак, има и поинакви становишта. На пример, теологот д-р Брус Вар не го поддржува ова мислење за одењето на Исус во адот. Тој има поинаква теорија и смета дека за нејзе има доказ во Библијата.
Тој доказ произлегува од Евангелието по Лука. Тоа е единствено Евангелие во кое читаме за разговорот на Исус со двајцата криминалци кои се распнати покрај него, едниот од едната страна, другиот од другата.
Едниот од двајцата, очигледно верува во Христа, но Лука за другиот вели:
„Еден од распнатите злочинци хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси Себеси и нас!”
А во следниот стих 40, 41, тој кој верува во Христа, го прекинува:
„А другиот, кога одговори, го искара и рече „Зар и од Бога не се боиш, кога си веќе и сам осуден?
Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Он ништо лошо не направил. И Му рече на Исуса: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!”
А Исус, стих 42, му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!”
Овие стихови покажуваат нешто друго, вели д-р Вар. Исус не отишол во пеколот или како што некои велат, во адот, кој е различен од пеколот и кој е привремено место за тие кои сториле лошо и го чекаат судењето, туку заминал во рајот.
Тоа е местото за кое Павле во Второто Послание до Коринтјаните, во глава 12 вели дека го посетил, откако Исус го однел таму:
„Знам еден човек во Христа, кој пред четиринаесет години, со тело ли, не знам; без тело ли, не знам: Бог знае, беше грабнат и однесен до третото небо.
-И знам дека тој човек, со тело ли, или без тело – не знам: Бог знае,
– беше грабнат и однесен во рајот и дека чул неискажливи зборови, кои што човек не може да ги искаже“.
Тоа е местото на радост и среќа, место кое не може да се опише со човечки зборови, каде Исус уште „ова попладне“ бил со распнатиот криминалец кој верувал во него.
Така можеме да ја склопиме целата приказна, или „патека“ на „движење“ на Исус од смртта до неговото воскресение. Колку е тоа издржано? Никој од научниците не може да потврди. Библијата, сепак, останува книга која и до ден денес тешко е да е протолкува целосно.