Зачестено од претставници на власта се лицитира со бројки од 50, 55 и 60 илјади новотоворени места во Македонија во време на мандатот на СДСМ, а од друга страна од државни институции стигнуваат бројки за намален број на работници во индустријата.
– За само 2,5 години, преку водење на успешни и конкретни економски политики се отворија околу 60.000 нови работни места, од кои повеќето се во реалниот сектор. Ова влијае на благосостојбата и посигурната иднина на овие 60.000 нововработени, на нивните семејства и има индиректен ефект на преку 150.000 македонски граѓани, изјави Кирил Колемишевски, заменик-министер за економија, на партиска прес-конференција на СДСМ на 26 декември.
Слични изјави имаше и од вицепремиерот Кочо Анѓушев и од повеќе други партиски функционери на СДСМ.
Денеска, пак, од Државниот завод за статистика (ДЗС) стигна поинаква вест:
– Бројот на работниците во индустријата во ноември годинава е намален за 2,8 отсто во однос на ноември 2018 година, а во првите 11 месеци од годинава е помал за 1,5 отсто во споредба со истиот период лани, објави ДЗС.
Според податоците на ДЗС, бројот на работниците во секторот Рударство и вадење камен во ноември 2019 година, во однос на ноември 2018 година, бележи пад од 2,9 отсто, во секторот Преработувачка индустрија има пад од 2,9, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пад од еден отсто.
– Анализирано според главните индустриски групи, бројот на работниците во индустријата во ноември годинава споредено со ноември лани бележи пораст од 2,8 отсто во индустриската група Капитални производи, а опаѓање има кај Енергија за 2,6 отсто, Интермедијарни производи, освен енергија за 3,7, Tрајни производи за широка потрошувачка за 3,6 и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,7 отсто, објави ДСС.
Од ДЗС, исто така, објавија дека паднало индустриското производство во Македонија:
– Индустриското производство во ноември годинава е за 2,1 отсто намалено во однос на ноември 2018 година, објави ДЗС.
Според овие бројки се поставува прашањето: Каде се 60.000 отворени места, за кои се нагласува дека се повеќето во реалниот сектор, ако паѓа бројот на работници во индустријата?!
(Д.Г.)