Македонскиот народ со многу внимание го празнува Божик, денот на Христовото раѓање. Обичаите што се изведуваат на овој празник се остатоци од минатото, но поголемиот број од нив се исчезнати, а ние денес за нив дознаваме од записите на собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали како што се браќата Миладиновци, К. Шапкарев, Е. Спространов, В. Икономов, М. Цепенков и многу други. Особено од минатото се останати богати обичаи и верувања поврзани со Бадник или Коледе, денот што му претходи на Божик.
Истражувачите на овие обичаи истакнуваат дека во почетокот Коледе бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото сонце што значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна Христијанската црква овој ден го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите свети Августин одговарал: „Ние го празнуваме не како неверниците поради сонцето, туку поради оној што го создал сонцето“.
Иако обичаите што се изведуваат на Бадник и Божик во некои детали меѓусебно се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, сепак, во основа се изделуваат неколку заеднички елементи, како што се богатата софра, што се подготвува на Бадник навечер, потоа коледарскиот оган заедно со дрвото Бадник, како и коледицата проследена со многу коледарски песни.
Богатата трпеза со исклучително посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл. според верувањето, има цел врз принципот на имитативната магија да обезбеди богат род на земјоделските култури. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така, заедно со храната да остане целата ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божик. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани. Во Кукушко се подготвувала вечера и за дедо Боже, трпезата се поставувала во дворот, а домаќинот го поканувал: „Поели дедо Боже да вечераме.“ На Бадник софрата се става врз слама за спомен на јаслите од Витлеемската пештера во која е роден Исус. Подоцна со оваа слама се врзуваат овошките со верување дека таа ќе ги штити од болести и штетници и дека ќе дадат богат род.
На Бадник, во повеќе краишта на Македонија се меси кравајче, пита или погача во која се става сребрена пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои. Оној што ќе ја најдел парата ја ставал во грне или чаша со вино од која сите пиеле за здравје и среќа. Парата ја земал тој што ја нашол или му ја давал на домаќинот и за тоа добивал подароци. Во некои краишта овој обичај се изведува на Василица.
Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во некои краишта дрвото што се гори е пенушка од даб, во други смрека, а некаде се гори круша горничка (дива круша) зашто се сметало дека таа е најродна, раѓа секоја година. Тоа се правело за да биде и годината родна. Таа ноќ, како што запишал К. Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: Бадник – будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај овој обреден оган. К. Шапкарев уште забележал дека во Скопје кога оваа пенушка „ќе приближи на догорување, ги истеруваат машките деца надвор, а остануваат само женските, за да видат само тие кога ќе догори. Тоа значело да се раќаат се женски од живата стока на домаќинот т.е. јагниња, телиња, коњи и сл.“ Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека во Кукуш од пенушката оставале едно парче „кое вардат до другата година, за да потпалет огнот во истиот вечер“, а во Воден „това парче закопват в лозје за да се сторит лозјето црно“. Во Дебарско, според записите на В. Икономов, исто така, внимавале “да остане едно парче недогорена гламна коешто секоја вечер од Божик до Богојавление се подгорува и се угаснува со вино – за зачувување од повреда на домашниот ситен добиток.
Во Струга децата одејќи по коледа носеле дрвени чеканчиња со кои тропале по влезните врати и пееле:
– Сива, сива голабица,
каде си се осивила?
– Таму горе на бел Дунав.
– Што имаше, што немаше?
– Ми имаше златна чаша,
златрна чаша, иконата,
да служиме млада Бога,
млада Бога Божикова,
Божик ми е на небеса,
слава му е на земјата.
За вечера, на Бадник, се правеле питулици, без масло, само со шербет и ореви. Тоа, всушност, биле постилци (пелени), зашто наскоро ќе се роди царот небесен Исус Христос и треба да биде повиен.
Во врска со палењето на дрвото Бадник и воопшто со коледарскиот оган во науката постојат главно две теории: соларната која се заснова врз принципот на имитативната магија, која тврди дека огнот има цел да го имитира големиот извор на енергија од небото и да обезбеди доволно светлина и топлина за луѓето, но и за стоката и за билките. Примитивниот човек верувал дека на изнемоштеното сонце кое во овој период од годината најмалку е видливо на небото и неговото дејство е со најмал интензитет може да му се помогне со силни огнови од земјата. Според другата исцелителна или очистувачка теорија, пак, огновите не се во врска со Сонцето туку со верувањето дека со нив можат да се изгорат сите штетни влијанија, било тие да се од природен или од демонски карактер (болви, вошки, змии, но и болести, вештици, караконџули и сл.)
Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес како и во минатото и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган, пеат пригодни песни и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др. Една од најпопуларните песни што и сега се пее во овие случаи „Коледе леде“ ја среќаваме и во запис на Г. Бојаџиев, објавена во „Книжици за прочит“ во 1893 година.
Коледе, леде!
паднало греде,
утепало деде.
Дедо се мачи,
баба го квачи,
со четири јајца
гускини, гусќини!
О, О, коледе!
Во Разлошко, вечерта спроти Божик, се правела Божиќева најатка, односно вечера со посна храна, грав со кисела зелка, како и ошав (сушени плодови). Исто така, се печеле и „погаче“ како и „леб-проскорник“. Тој леб се покривал со специјално платно (месаљ) и се чекало да се олади. Се верувало дека за тоа време лебот ги посетувал посеаните ниви и ги стоплувал. Јадењата се прекадувале со темјан по што целото семејство вечерало. Храната се оставала да преноќи на софрата. Потоа овој обреден леб се носел и кај стоката, која, исто така, се кадела со темјан. Се внимавало и луѓето и стоката да се сити, затоа вечерата се вика најатка, што значи најадени. Во огнот се ставал палешник (ралник), како и дебело дрво за да гори целата ноќ и утрото да има жив оган. Се верувало дека во таков случај ќе имало среќа и бериќет. Тој ден, спроти Божик, машките деца оделе коледари, носеле икона од св. Богородица, торби и железни патерици, ги посетувале домовите пеејќи коледарски песни. За тоа биле дарувани со пари и земјоделски продукти. Утрото околу 3-4 часот коледарите оделе низ селото и „чинкале со чинкалета“ (специјални чинкалета се чувале во црквата) и на тој начин го објавувале раѓањето на Исус Христос. Во исто време ги буделе селаните да одат на свечено црковно богослужение.
Коледарските песни немаат развиена мелодија, како што е случај со другите лирски песни, туку се скандираат со карактеристични извици на почетокот и на крајот и со нив се најавува доаѓањето на Божик, големиот христијански празник, Рождество Христово односно Божик. Таков е случајот и со следнава песничка запишана од Марко К. Цепенков:
Збирајте се дечиња,
стред село на грејачка,
огон да си палиме,
за да се изгреиме,
оти после ќе одиме
Коледа да викаме,
костење да збираме,
за Бадник да јадиме.
Божик да го чекаме
и прасе да јадиме.
Раѓањето на Исус Христос нашло место и во повеќе други верувања и преданија, а некои истражувачи веруваат дека оттогаш останало коледето, децата да одат по куќите и да го соопштуваат раѓањето на Богомладенецот Исус Христос.
Интересни обичаи поврзани со овој празник сè уште се изведуваат во Западна Македонија, поточно во с. Битуше. Денот пред Бадник се вика Кршенделија и тогаш при ставање на софрата се става и каленик (чинија) со ореви. Секој зема по неколку и ги крши при што се верува дека ако тие се здрави, односно со бели и големи јатки и годината ќе биде плодна, односно семејството ќе има напредок. На Бадник, рано наутро, децата оделе во гората да соберат бодници (бадници). Тоа се дабови гранки коишто потоа стоеле покрај домашната икона односно покрај иконата на светецот заштитник. Вечерта кога ќе седнеле на вечера сите се фаќале за бадниците, при што едно бадниково гранче фрлале во разгорениот оган. Верувајќи дека оваа ноќ може да биде опасна поради негативните демони, луѓето ги затворале портите верувајќи дека со тоа им го зџатвораат и простапот на нечистите сили. Тоа трело до пеењето на првите петли кога сите станувале и се подготвувале за одење „в црков“. (Подготви Марко Китевски)