Пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски во емисијата „24 анализа“ на телевизија 24 истакна дека првенствено е важно што после 20 години државата и институциите спроведоа релевантен и точен попис, којшто требаше да биде статистичка операција.
Но одредени политички чинители, дадоа политичка конотација на сето тоа и дополнително манипулираа во целиот изминат период и пред да започне пописот и во текот на одржување на пописот и после него, и не можам да ја утврам причината поради која одредени политички чинители се обидуваат да го саботираат пописот, којшто е важен за државата, од многу аспекти на идно планирање, рече Каевски, додавајќи дека дел од луѓето во ВМРО-ДПМНЕ организираа тивок бојкот, но имаше и политичари и партии кои повикаа на јавен бојкот на пописот и сето тоа е на штета на граѓаните.
Пратеникот и портпарол на СДСМ истакна дека пописот е во согланост со сите стандарди на ООН и Евростат, меѓународните институции ја поздравија оваа статистичка операција и дадоа признание дека е спроведена онака како што треба.
Жал ми е што од овој попис првенствено се извлекуваат податоци за етникум, кој е повеќе или помалку, а не се извлекоа податоци за тоа колку млади се иселиле, за возрасната популација, за тоа колку градови во државата останаа без сериозна бројка на луѓе и важноста за сето тоа да го имаат институциите на располагање за креирање на идните политики, порача Каевски.
Тој истакна дека политичките чинители и политичките партии треба да ја сфатат пораката од пописот, од бројките што треба да ги видат сите институции и врз база на тие бројки да делуваат и креираат политики.
Неодговорно, одредени политички партии ставаат сомнеж на целата операција на пописот, ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе спроведеле нов попис кога ќе дојдат на власт, за шест-седум години од сега. Но кој ќе го спроведе тој попис? Институциите и истите луѓе кои сега го спроведоа пописот. Немојте да си играте со чувствата на граѓаните и да влевате доза на недоверба, порача пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски во емисијата „24 анализа“ на телевизија 24.
Центар за односи со јавноста на СДСМ