Дарко Јаневски

„И, навистина, голема е тајната на побожноста: Бог се јави во тело, посведочен беше од Духот, се покажа на ангелите, беше проповедан на народите, светот Му поверува, и се вознесе во слава.“

Ова е пасус од Првото послание на апостол Павле до Тимотеј (1, Тимотеј, 3:16) кој долго време бил користен од заговорниците на теоријата дека во Новиот завет Исус е наречен Бог. Тоа би значело дека не постои Отецот, туку дека Отецот и Синот се едно исто – Исус Христос.

Постојат и други примери кои заговорниците на оваа теорија ги користат во оваа смисла, како, на пример, Евангелието по Јован кога Тома, откако се уверил во раните на воскреснатиот Исус, му рекол: „Ти си мојот Гопод и мојот Бог“.

Но, сите тие случаи научниците лесно ги расчистиле, освен овој од Посланието на апостол Павле до Тимотеј. Се додека не било утврдено како, на кој начин, Гопод и Бог, според Павле, станале едно те исто.

Според Барт Ерман, научник и професор по Нов завет, при препишување на Библијата низ вековите, во најголем број случаи имињата на светците се пишувани со кратенка. Така, во најстарите примероци на Посланието до Тимотеј, овој пасус во кој се зборува за Христос како за Бог кој на земјата „се јави во тело“, грчкиот збор „Бог“ (0EOE) е скратен на две букви, тета и сигма (0E), со црта врз зборот која укажува дека станува збор за кратенка.

Но, при проучување на Александрискиот кодекс (еден од најстарите кодекси на Библијата) било забележано дека линијата врз двете букви е напишана со поинакво мастило од тоа со кое се пишувани буквите, па изгледа дека линијата ја додал некој подоцнежен препишувач од Кодексот. Исто така било забележано дека половина од таа линија всушност е линија која била повлечена на позадинската страна од пергаментот на кој бил пишуван овој дел од Кодексот.

Со други зборови, бргу се заклучило дека зборот (0E) не е кратенка (тета сигма) за зборот Бог (0EOE) со црта одозгора, туку станува збор за омикрон сигма (0E), целосно друг збор, кој едноставно може да се преведе како „кој“, односно „оној“ или „тој“.

Оттука, оваа реченица не зборува за Христос како за Бог кој се појави во тело, како што стои и во македонските изданија на Библијата, туку таа реченица едноставно гласи: „тој се појави во тело“.

А целиот стих од 1 Тимотеј 3:16 би гласел не како што е наведено на почетокот од овие редови и како што стои во сите светски, па и во македонските изданија на Библијата, туку:

„И, навистина, голема е тајната на побожноста: Тој кој (а не Бог, н.з.) се јави во тело, посведочен беше од Духот, се покажа на ангелите, беше проповедан на народите, светот Му поверува, и се вознесе во слава.“

Така, решена е уште една дилема околу тоа дали Новиот завет на одредени места зборува за Исус како за Бог и како за Господ истовремено, што руши еден од темелите на христијанството: „Во името на Отец, Синот и Светиот дух…“

Впрочем, уште во првиот стих од Посланието стои дека тоа го испраќа „Павле, апостолот на Исуса Христа, во повелба на Бога нашиот спасител и Господа Исуса Христа, нашата надеж“ (1 Тимотеј, 1:1), па станува јасно дека тој не може во првиот стих од првата глава да зборува за „Бог, нашиот спасител и за Господ Исус Христос“, а во третата глава за нив да зборува како да се едно.

Настрана тоа што за многу научници нема дилема дека ова Послание не е напишано од самиот апостол, туку е напишано во негово име од некој негов следбеник, кој со употреба на името на Павле се обидел да ја зголеми тежината на раклописот и, во тоа очигледно успеал.

Сепак, дури ни тој не ја направил грешката од 3:16, туку таа се случила при препишувањето и како таква останала до денешен ден.

Колку такви грешки во Библијата научниците откриле? Илјадници, главно безначајни, но и вакви кои не се толку безначајни. За среќа, во Библијата има толку многу стихови во кои постои јасна разлика меѓу Отецот и Синот, што оваа грешка, која се провлекла низ вековите, не менува ништо суштински. Што не значи дека не треба да се објасни.