Бараме итно, како што има 78 отсто за функционерите, како што има европски плати за нив, да има и за нас – рече Јасмина Величкова, претставник на судската служба на Македонија.

Вработени во судската администрација денеска излегоа на мирен едночасовен протест пред Основниот Кривичен суд во Скопје со барање за враќање на додатоците на плата до 35 отсто и итно донесување на законот за судска служба. Судската администрација, која брои над 2.300 вработени, бара да се изгласаат законски одредби за зголемување на нивните плати, а до тогаш судските службеници да добиваат додатоци во висина од најмалку 25 отсто.

Протестот го организираа Независниот синдикат на судска администрација на Македонија и Здружението на судска администрација. На прес-конференција двете здруженија порачаа дека кај вработените во судството револтот е голем, а правата ќе ги бараат со протести.

Тие велат дека платите на судската администрација се ниски како никогаш досега, а 95 отсто од нив имаат пониска плата од просечната на државно ниво. Без минат труд, административците земаат од 21 до 36 илјади денари, а нешто повисока плата имаат раководните службеници и судските администратори.

– Итно ќе побараме кај претседателот на Судскиот совет да ни се вратат додатоците до 35 отсто и исто итно да се донесе новиот закон за судска служба, кој веќе една година се одолжува. Јас учествувам во тој закон и не гледам крај, така што бараме итно да се донесе новиот закон за судска служба, додатоците да ни се вратат, тие додатоци се од судскиот буџет, не се од Министерство за финансии, бидејќи ние судскиот буџет го полниме со средства од паушали. Бараме итно, како што има 78 отсто за функционерите, како што има европски плати за нив, да има и за нас – рече Јасмина Величкова, претставник на судската служба на Македонија.

Синдикатот остварил и средба со претседателот на Судскиот буџетски совет каде им била ветена поддршка за остварување на нивните права. Советот оценил дека барањата им се оправдани, но одговорот бил дека нема пари во буџетот, па тие не можеле да бидат прифатени.

– Со донесувањето на одлуката на Уставниот суд со којашто се одмрзнаа платите на функционерите, платите на судската администрација останаа на многу ниско ниво. Јазот помеѓу платите на функционерите, конкретно кај нас платите на судиите и платите на судската администрација сега се зголеми за повеќе од трипати – рече Борче Мирчески, претседател на Здружението на судска администрација на Македонија.

Тој додаде дека судската администрација досега никогаш немала толку ниски плати споредбено со судиите.

– Секогаш кога судската администрација штрајкува за плати, платите на судиите се зголемуваат. Овојпат е обратно, се зголемија платите на судиите, а претходно ние баравме повисоки додатоци, но кога тие се прелеаа во плати ни беше кажано дека не може да земаме додатоци. Додатоци продолжија да се исплаќаат на судиите. Сега кога тие добија повисоки плати за 78 отсто испадна дека не е точно дека нема средства, дека тоа е само изговор – рече Мирчески.

За в четврток е закажана средба со претставници на УПОЗ за да се изнајде прифатливо решение. Во спротивно, синдикатот најави дека ќе почне со серија протести.