На 10 април 1906 година, Максим Горки пристигнал во Њујорк со бродот Кајзер Вилхем, заедно со својата втора, невенчана сопруга – актерката Марија Андреева. На пристаништето ги пречекал специјалниот Комитет за пречек, на чело со славниот во тоа време американски писател Марк Твен. Американскиот антикомунист Твен свечено го пречекал рускиот болшевик Горки. Иако толку далечни, и толку различни,  уште на првиот ручек, двајцата славни писатели станале пријатели. За жал, по неколку дена, американскиот весници, веројатно незадоволни од таквото пријателство, а незнаејќи како да го прекинат, почнале да  пишуваат дека Горки е неморален човек, дека незаконски живее со Марија Андреева и слично. И, тоа станало топ-тема во американските весници. Нападите биле жестоки, и го натерале Марк Твен јавно да се повлече од Комитетот за пречек на Горки, па дури и јавно да го нападне својот руски колега за разврат. Без Твен како авторитет, Комитетот за пречек на Горки во Америка веднаш се распаднал. Се разбира, Максим Горки го продолжил престојот во Америка, движејќи се насекаде со својата преубава невенчана сопруга Марија.

А, во меѓувреме, секако, се обидувал да ја заврши работата за која всушност и допатувал во САД. Имено, руските болшевици, на кои им припаѓал, го испратиле преку океанот за да собере пари за партијата.  Значи, како знае и умее да донесе пари од капиталистичка Америка, за идната комунистичка Русија!

Актерката Марија Андреева, која постојано била крај својот Горки  уживала во убавините на Њујорк, но се трудела и да му помогне да ја заврши работата што му била доверена во Москва.

Царот му ја одзел титулата академик!

По враќањето од САД, во јуни 1906 година Максим Горки почнал да го пишува својот роман “Мајка”, порачан, велат, лично од Владимир Илич Ленин. Пред романот Мајка, тој веќе ја имал објавено повеста “Макар Чудра”, а со голем успех во Москва се изведувале и неговите пиеси “На дното” и “Еснафи”. Во 1899 година го објавил и романот “Тома Гордеев”. Веќе бил познат и славен и затоа, седум години подоцна, во Америка, како што рековме, ќе го пречекаат со специјален Комитет за пречек на чело со Марк Твен. По објавувањето на “Тома Гордеев” доаѓа во Петербург, каде што се запознава со Иља Репин, Толстој, Чехов, Бунин, Куприн.

Во 1902-та го избрале за академик, но императорот Николај Втори лично се заложил да не му се даде почесната титула. Во знак на протест, Чехов и Короленко се откажале од своите титули.

Две години подоцна, Горки се запознал со Марија Андреева и тогаш почнал нивниот див брак, поради кој се кренал американскиот печат. Поради Марија ќе му се налути и пријателот, авторот на “Том Соер”. Од друга страна, колку пари Горки собрал во Америка за руските болшевици, не се знае. За тоа тој ништо не спомнува ниту во своите обемни спомени и дневници. Но, се знае дека штом се вратил во Русија, брзо, за многу кратко време, го напишал романот “Мајка” и само што го завршил веднаш заминал во Капри, каде што останал да живее следните осум години.

Танцот на Исидора Данкан

Аљоша Пешков, со уметничко име Максим Горки, е роден 1868 година во Нижни Новгород, еден од најстарите руски градови. Неговиот татко, дрводелецот Максим, бил прочуен убавец, со кого живеела Варвара, ќерката на сопственикот на локалната фабрика за бои. Малиот Аљоша не го запомнал татка си – имал само три години кога тој умрел. Веднаш по смртта, мајка му Варвара со наведната глава се вратила кај татка си, Василиј Каширин. Пет години подоцна, умира и таа. Аљоша останал сам, а потоа, следните 13 години, талкал по бескрајната Русија. Во меѓувреме бил кондураџиски чирак, миел чинии на бродот “Перм”, сликал икони во работилница за икони, бил фурнаџија, и така, веќе на 20 години, станал печен болшевик. Потоа тргнал по селата да агитира. Во 1892 година, дваесет и четиригодишниот Аљоша Пешков станал Максим Горки. Оттогаш започнала и неговата писателска кариера, и сето она што накусо погоре веќе го објавивме.

Значајно за Горки е и тоа што во 1898 година започнува чудното, бурно пријателство меѓу него и три години помладиот негов колега,  исклучително талентираниот писател Леонид Андреев. Се запознале на куртската станица во Москва. Темпераментниот Андреев во тоа време многу пиел, а Горки ретко посегнувал по чашката. Одамна му станале одвратни пијанките на кондураџиите и другите занаетчии од соседните работилници. Сепак, понекогаш му правел друштво на својот колега. При тие пијани сеанси, се случувало и да заспијат со отворени очи на масата, додека разговарале. Проститутките тогаш им ги собирале парите, кои, додуша, никогаш и ги немале во некоја значителна сума.

Триесетгодишниот Горки добро ги знаел тие несреќни суштества, проститутките, па затоа никогаш не им се лутел. Како момче бил сведок на една сцена што никогаш не можел да ја заборави. Пијани занаетчии соблекле некоја проститутка и ја ставиле на четири тасови. Во двата таа стапнала со нозете, а во другите два со дланките. Го попрскале подот со масло за да се лизгаат тасовите, мажите се распојасале и почнале да ја туркаат жената од еден до друг. Таа грозна сцена Горки не можел да ја  заборави цел живот. Уште повеќе затоа што не му дозволиле да излезе од дуќанот, иако тој со сите сили се обидувал да побегне. Петнаесет години подоцна, кога веќе бил момче, Аљоша видел некој маж што ја фатил својата жена во неверство, ја соблекол гола, ја врзал во колата и ја шибал со камшик вртејќи низ градот. Аљоша потрчал да и помогне на жената, но сеирџиите го сомлеле од тепање. Го тепала цела толпа, затоа што им ја расипал забавата. Одвај останал жив; искржените ребра го болеле цел живот. Овие две сцени од детството оставиле големи траги во душата на Горки.

Којзнае, можеби поради тоа, Аљоша Пешков подоцна секогаш се збркувал и се плашел од жените. Се подослободил многу години подоцна, кога, како сите болни од туберкулоза имал постојана телесна температура од триесет и седум и нешто, таканаречена сексуална температура. Во тој период, Горки собирал и по неколку жени дневно. Ги собирал по неколку дневно, и пак  му биле малку. Во мигови на таква температура, не можел воопшто да се контролира, дури и кога во прашање биле жени на негови пријатели, како, на пример, сопругата на Сергеј Есенин.

Горки за првпат го видел Есенин во 1914 година. Стоеле еден до друг потпрени на Семјоновскиот мост во Петербург, а Есенин занесено плукал во реката. По осум години се сретнале во Берлин, во станот на Алексеј Толстој, каде што Есенин се прибрал со неговата Исидора Данкан. Една ноќ, Есенин, како и обично, жестоко се натрескал. За разлика од него, Горки испил сосема малку, колку за атер. Пијаниот Сергеј Есенин ја натерал Исидора да танцува…

Животот е само суета и самоизмама!

Славната Исидора Данкан, сопругата на Сергеј Есенин, танцувала пред својот пијан маж и пред Максим Горки. Уморно го протегала своето тело “разглобено од слава и љубов”, како што подоцна ќе запише самиот Горки. На крајот од таа пијана ноќ, Есенин паднал под масата, а Горки посегнал по Исидора. Неговата “сексуална температура” постојано, и без да сака, го терала на тоа. Но, овојпат, Американката се опирала, а, од друга страна, стариот болшевик не попуштал. Сепак, таа ноќ веројатно не направил ништо, зашто во своите записи за Есенин, напишани подоцна, жестоко ја нападнал неговата сопруга Исидора. Да се случило нешто конкретно, сигурно е дека барем малку ќе се пофалел, како што се фалел за други жени на свои пријатели: на пример, за Александра Виелгорска, сопругата на неговиот најблизок пријател, писателот Леонид Андреев.

Максим Пешков Горки бил висок, сув, подгрбавен човек, а Леонид Андреев – снажен, убав, облечен според последната мода, весел и духовит. Во своите спомени Горки за него, меѓу другото, има запишано: “Не постоеше речиси ниту еден факт, ниту едно прашање, на кое јас и Леонид Андреев гледавме еднакво, но безбројните разлики не ни пречеа меѓу себе да се однесуваме со интересирање и внимание”.

Тој, се разбира, не знаел дека Андреев за него во својот дневник веќе имал запишано: “Мојата омраза и презирот кон Горки, ќе останат недокажани…”

При една пијанка Горки и Андреев се нашле двајцата во крчмата на пајтонџиите, недалеку од Нева и Зимскиот дворец. По полноќ крчмарот им оставил мезе и пијачка, и си заминал. Следниот ден кога се вратил имал што да види – писателите продолжиле да си пијат и си пиеле така три дена.

На третиот ден купиле бонбони, овошје, шампањско и ликер, и тргнале кон станот на Естонката Елфрида, една од девојките на Леонид Андреев. Таа ги пречекала насмеана и весела: ги послужила и не ги симнувала очите од Андреев. По неколку чаши ликер, Елфрида ја зела гитарата и почнала да свири и да пее. Малку потоа ја фрлила гитарата, скокнала на масата и танцувајќи почнала да се соблекува. Кога се изморила, легнала на масата. На Горки, божем, му било незгодно, па му шепнал на Леонид да си одат. Андреев му рекол: “Ти оди си, јас останувам!”

Според спомените на Горки, убавата Естонка Елфрида со неподвижни очи гледала во Андреев, но и таква сепак успеала, наводно, да му шепне на Горки:

“Се плашам од него, таквите стрелаат со пиштол”. Од кај Елфрида, Горки и Андреев заминале со карање. Тогаш, имено, Андреев му рекол на Горки: “Ти воопшто не си добар човек – пиеш многу, а не се пијаниш, затоа пак твоите деца ќе бидат алкохоличари”. Сепак, и покрај кавгата, по полноќ заедно влегле во крчмата на пајтонџиите. Таму Андреев му рекол на Горки:

“Во цинизмот ја чувствувам тагата, очајот на човекот кој сознава дека не може да не биде животно. Сака да не биде, но не може!”

Сопругата на Леонид Андреев, Александра Виелгорска умрела кога се породувала. Веднаш по трагедијата, веднаш по нејзината прерана смрт, Андреев заминал кај Горки во Капри за да ја споделат тагата. При таа средба, Горки, најверојатно, му кажал нешто за себе и за покојната Александра, можеби нешто поврзано со неговата сексуална температура. Како и да е, извесно е дека Леонид Андреев заминал од Капри без поздрав и што е можно подалеку од Горки; заминал директно за Италија. Од последната средба во Капри поминале 10 години, но ниту едниот, ниту другиот во меѓувреме не изразиле желба да се видат. Сепак, според руските историчари на книжевноста, Леонид Андреев бил и останал единствениот руски писател што му бил вистински пријател на Горки.  Освен Андреев, речиси никој  друг не сакал да се дружи со Горки. Андреев умрел во 1919 година, на 48 годишна возраст. Истата година, педесет и едногодишниот Горки ги објавил спомените за него, за својот единствен пријател. Се разбира, Горки не знаел дека во дневниците на Андреев останало запишано дека допрва ќе треба да се докаже вината на Горки и степенот на неговото учество во уривањето и пропаста на Русија. Тоа тој го запишал на почетокот од комунистичкиот период на руската историја. Таа реченица од дневникот на својот пријател Горки не ја прочитал – дневниците на Адреев се објавени  многу подоцна.

Шеесет и осумгодишниот Максим Горки умрел во јуни 1936 година, а  неговата урна, како заслужен болшевик, била закопана крај ѕидот на Кремљ. Според Леонид Андреев, “сите човекови дела на овој грешен свет се суета, смртност и самоизмама”.

За разлика од него, неговиот пријател Максим Горки сметал дека “човекот секогаш е победник, дури и кога умира, дури и кога е на дното”. Кој бил во право, знае само Бог.