По повод 30-годишнината од официјалното потпишување на Дејтонскиот договор, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, и комесарката за проширување, Марта Кос, издадоа заедничко соопштение. Тие истакнаа дека со тој договор е завршено едно од најмрачните поглавја во Европа и е обезбеден мир кој трае до денешен ден.
Сепак, додаваат тие, 30 години подоцна, сè уште постојат нерешени предизвици од минатото за Босна и Херцеговина.
„Иако оваа година претставуваше политички пречки, земјата остана отпорна. Задржувањето на курсот кон членство во ЕУ како обединета, суверена земја во стабилен и безбеден регион мора да остане крајната цел“, напишаа Калас и Кос.
Тие нагласија дека сите политички лидери треба да се фокусираат на неопходните реформи за земјата да оди напред.
Европската Унија е подготвена да обезбеди мир и стабилност во Босна и Херцеговина. Калас и Кос нагласија дека воената операција на ЕУФОР Алтеа останува неопходна за оваа цел.
„Триесет години по Дејтон, Босна и Херцеговина мора да ја зграпчи шансата да ја обликува својата иднина во ЕУ“, истакнаа Кос и Калас.
Дејтонскиот мировен договор, со кој се стави крај на војната во БиХ, беше формално потпишан на 14 декември 1995 година во Париз, откако претходно беше постигнат и потпишан договорот на 21 ноември 1995 година во базата Рајт-Патерсон во Дејтон, американската сојузна држава Охајо.
фото: архива




