Рокот од 50 дена што претседателот Доналд Трамп ѝ го даде на Русија пред можни санкции е „многу долг кога невини цивили умираат секој ден“, изјави денеска високата претставничка на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

-Многу е позитивно што претседателот Трамп зазема цврст став кон Русија. Од друга страна, 50 дена е многу долг период кога гледате дека тие исто така убиваат невини цивили секој ден, изјави таа за новинарите.

Претходно денеска, во разговор со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Белата куќа, Трамп се закани дека ќе воведе многу строги царини за руските сојузници ако нема договор за прекин на војната во Украина во рок од 50 дена.

фото: ЕПА