Министрите за надворешни работи на европските земји и високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, се во посета на Украина на Денот на Европа, објавија денеска Калас и украинскиот премиер Денис Шмихал на социјалните мрежи.

– Денеска заедно со Украина и нејзиниот народ го славиме Денот на Европа. Затоа што во семејството се делат и радостите и тешкотиите. Заедно со министрите за надворешни работи се залагаме за траен мир со Украина. За иднина во која веруваме, напиша на Х Каја Калас, шефица на европската дипломатија.

Истовремено, Калас, која ден претходно ја најави посетата на Украина на 9 мај, сподели фотографија на која е заедно со премиерот на Украина Денис Шмихал и министерот за надворешни работи Андриј Сибиха.

– Денеска сум многу среќна што го славам Денот на Европа во Лавов со нашите украински пријатели и министри од европските земји. Среќен Ден на Европа во Летонија, истакна на X летонската министерка за надворешни работи Баиба Браже.

И новиот германски министер за надворешни работи Јохан Вадепул исто така синоќа на Х се пријави од Лавов во Украина, што е негова прва посета. Тој денеска треба да учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Лавов заедно со неговиот украински колега Андриј Сибиха.

– Со задоволство им посакав добредојде на високата претставничка Каја Калас и европските министри за надворешни работи во Лавов на Денот на Европа. Добредојдовте, пријатели. Ова е историско собирање во историско време. Тоа ја одразува клучната улога на Украина во одбраната на европската слобода и вредности. Ја започнавме нашата посета на Марсовото поле на гробиштата Личакив за да им оддадеме почит на украинските херои кои ги жртвуваа своите животи бранејќи ја Украина од руската агресија. За време на средбата на премиерот Денис Шмихал со Каја Калас, разговаравме за понатамошни заеднички напори за зајакнување на Украина, зголемување на притисокот врз Русија и унапредување на пристапувањето на Украина во ЕУ, напиша Сибиха на Х.

Тој информира дека следуваат ва важни настани – состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ и Основната група за Специјалниот трибунал за злосторството на агресија против Украина.

– Денеска заедно со пријателите и партнерите од странство во Лавов. На Марсовото поле оддадовме почит на бранителите кои загинаа за Украина во руско-украинската војна. Украина и Европа вечно им должат на оние кои ги дадоа своите животи за мир и безбедност на целиот континент. Вечна слава на хероите. Им благодариме на сите кои денес стојат рамо до рамо со Украина: високата претставничка на ЕУ Каја Калас, министрите за надворешни работи на земјите од Европската унија, европските комесари, дипломатите. Ја чувствуваме и високо ја цениме вашата непоколеблива поддршка на украинскиот народ, истакна украинскиот премиер Шмихал на Телеграм.

Фото: Сибиха на Х