Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денеска за време на прес-конференцијата со премиерот Еди Рама во Тирана, изјави дека целта за интегрирање на Албанија во европското семејство до 2030 година е реална цел, но тоа се заснова на владеење на правото и е условено од фактот дека двете страни добро ја вршат својата „домашна задача“ за време на ова патување.

Одговарајќи на новинарско прашање дали интеграцијата на Албанија во ЕУ е условена со одредени реформи, една од нив онаа за гонење на корупција против високи функционери, Калас рече дека „2030 година е реална цел, ако сите ги преземеме вистинските чекори на патот. Но, не само реформите што треба да се одобрат, туку и одобрените реформи што треба да се спроведат“.

– И владеењето на правото е исклучително важно, бидејќи тоа е еден од темелите на ЕУ, но и основата на просперитетот на една земја бидејќи ако инвеститорите имаат доверба во вашиот правен систем, тие имаат доверба да инвестираат во вашата економија. Ова е во најдобар интерес на Албанија, реално е ако сите си ја завршиме домашната задача, рече Калас, објави АТА.

Според неа „Албанија е силен партнер на ЕУ и сојузник на НАТО, во целосна согласност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ“, кажувајќи пофални зборови за одлуката на Албанија да спроведе санкции против Русија.

– Вашата одлука за целосно спроведување на санкциите на ЕУ против Русија, заедно со хуманитарната поддршка што и ја пруживте на Украина, всушност ја покажува вашата посветеност на вредностите на ЕУ, а во политичка смисла тоа не е секогаш лесно да се направи. Вие сте многу вредни во однос на соработката во

регионот во поддршката на властите да имаат мирна средина во Босна и Херцеговина. Ние сме посветени на ЕУ исто како и Албанија и нашата соработка носи придобивки за двете страни, нагласи таа.

Во однос на Србија и Косово, оцени дека без нормализација на односите меѓу двете земји не може да има напредок.

– Разговаравме и за случувањата во регионот. Ги ценам советите, коментарите што ми ги дадовте за состојбите во Западен Балкан. Во однос на Косово и Србија, не може да има напредок без нормализирање на односите меѓу двете земји, истакна таа.

Премиерот Еди Рама изјави дека Албанија е целосно усогласена со надворешната политика на Европската унија, притоа привлекувајќи внимание и на многу амбициозниот календар договорен со Европската комисија за затворање на преговорите за членство во 2027 година, додавајќи дека меѓу Албанија и Европската унија нема отворени прашања.

– Имавме многу позитивна средба како и секогаш. Како што рече и нашата почитувана гостинка, нема никаков проблем или отворено прашање меѓу нас и ЕУ. Напротив, имаме целосна усогласеност во сите аспекти, што најдобро се изразува во надворешната политика на Република Албанија, која е 100 отсто е усогласена со надворешната политика на ЕУ, рече Рама.

Разговаравме, додаде тој и за регионот и за проблемите што постојат, во време кога ни треба единство и стабилност на целиот регион, каде за среќа сите земји имаат за цел да прогласат членство во Европската Унија. Премиерот нагласи и дека на средбата било разговарано и за стратешката соработка во областа на безбедноста.

– Безбедноста е централна тема за ЕУ. Војната сега веќе не е црно-бел филм од минатото, туку вистинска закана за Европа, оцени тој.

Според него единствено неговата Социјалистичка партија може земјата да ја однесе во ЕУ, затоа очекува голема поддршка на изборите на 11 мај.