Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 20 ноември.
Денеска е Преподобен Григориј Декаполит.
Свети Григориј се роди во Декаполис, во Исаврија. Родителите му беа угледни и побожни луѓе. Кога навлезе во машка возраст, тие сакаа да го оженат, но Григориј побегна и набргу се замонаши. Неговата слава како подвижник и чудотворец беше голема, насекаде каде што одеше. Живееше во Византија, во Рим, на гората Олимп. Се успокои во Цариград во деветтиот век, во длабока старост.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Фрањо Ксаверски.
Роден е во дворецот Хавиер, во кралството Навара, во 1506 година. Како млад отишол да студира, во центарот на европската наука, во Париз. По четири години студирање, стекнал академско ниво на “доктор”. Почнал да фантазира за кариера. Неговиот пријател Игнациј Лојол, подоцна основач на Исусовата Придружба, често му ги повторувал зборовите од Евангелието: “Што му користи на човекот, ако го добие целиот свет, а го загуби својот живот”. Во 1542 година, како свештеник бил испратен за мисионер во Индија, каде останал до 1549 година, кога отпатувал во Јапонија. Се претпоставува дека Свети Фрањо за Христос придобил 30.000 луѓе. Му се молат мисионерите, за да ги штити во мисионерската работа.