Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 23 март.

Денеска е Преподобен маченик Никон и 199-те ученици.

Свети Никон беше родум од Неапол. Татко му беше незнабожец, а мајка му христијанка. Таа и го воспита во Христовиот дух. Како помлад тој беше офицер во римската војска, а подоцна ја напушти војската и се повлече во еден манастир при кизичкиот епископ Теодосиј, во Азија. После смртта на Теодосиј, неговата катедра ја наследи Никон. Подоцна Никон се пресели на Сицилија заедно со девет свои другари уште од војската и таму многумина привлече кон Христа. Беше погубен, заедно со своите 199 ученици, во времето на прогоните на императорот Декиј. Единствената вина на овој славен и беспрекорен маж беше неговата силна и цврста вера во Христа.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Винко Ферер.

Бил роден во 1350 година во Валенсија, во Шпанија. Стапил во доминиканскиот ред, а подоцна како искусен теолог ги поучувал студентите. Вршејќи ја проповедничката служба, патувал и го ширел христијанскиот морал. Умрел во 1419 година во Ванеса, во Франција.

ИСЛАМСКИ КАЛЕНДАР : Времето за ифтар и суфур 

Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:06 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 04 часот и 34 минута. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна.