Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 8 декември.

Денеска е Преподобен Патапиј.

Преподобен Патапиј се роди во градот Тива, покрај реката Нил, во Египет. Родителите му беа христијани и го воспитаа во Христовиот дух.

Уште додека беше млад, тој го засака монаштвото и се повлече во една од египетските пустини. Неговиот свет живот им го сврте вниманието на луѓето, а тој, сакајќи да избега од почестите, побегна во Цариград и се насели во една колипка. Некое време остана непознат, а потоа Господ им го покажа на луѓето, на кои им служеше до крајот на својот добродетелен живот, особено со дарот на чудотворство.

Се упокои во седмиот век.

КАТОЛИЧКИ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Петар Канизие.

На денешен ден, во годината Господова 1597, умрел вториот апостол на Германија, свети Петар Канизие. Прв апостол бил свети Бонифациј. Свети Петар Канизие бил роден во 1521 година во Нимвенген, истата година кога Мартин Лутер бил исфрлен од католичката црква. Петар Канизие како свештеник, со сите сили се борел за верност на Рим и на папата, додека Мартин Лутер одел во спротивна насока. Умрел во Фрибург, во 1597 година. Неговиот неуморен живот и работа, бил благослов на Црквата во германските земји. Тој добро знаел, зошто живее и за кого работи. Со мирна душа со светите зборови на Павле, можел да каже: „Добра битка водев, трката ја завршив, верата ја сочував, а сега ми е направен венец на праведност”.