Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 1 септември. Денеска е Преподобен Симеон Столпник.
По потекло Симеон беше Сириец. Родителите му беа селани. На 18-годишна возраст тој ги напушти родителите и се замонаши. Откако помина неколку години во секакво смирување, одлучи да се предаде на посебен подвиг, дотогаш непознат во Црквата подвигот на столпништвото. Останатиот дел од животот го помина на врвот од еден висок столб, по дожд и по ветер, по жешко и студено време. Господ го удостои со дар на чудотворство.
На сите што доаѓаа при него им помагаше како што можеше, исцелувајќи ги, советувајќи ги, поучувајќи ги. Живееше 103 години. Се упокои во 459 година, а моштите му беа подоцна пренесени во Антиохија.
Според Католичкиот календар денеска е Возвишение на Светиот крст.
Според едно предание царицата Јелена го пронашла светиот Крст на Калварија. Таа најсвета реликвија за христијаните, во една војна на источноримскиот цар Херкалиј против Перзијанците паднал во нивните раце. Царот Хераклиј (610-641) на чудесен начин го победил перзијанскиот крал, а како прва договор за мир го поставил барањето на христијаните да им биде вратен Исусовиот крст.
Ветувањето било исполнето и царот ја пренел реликвијата во Ерусалим. Еден од најголемите мотиви за славење на денешниот празник е прославата на Светиот крст кој христијаните ги спаси од вечната смрт.