Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 3 август.

Денеска е Преподобни Исакиј, Далмат и Фауст.

Преподобен Исакиј има свој посебен празник во месец мај. Свети Далмат и Фауст беа татко и син. Далмат служеше во војската при императорот Теодосиј Велики, а потоа ја остави службата, го остави светот и заедно со син му Фауст стапи во еден манастир крај Цариград во кој игумен беше св. Исакиј.

По смртта на Исакиј со манастирот управуваше Далмат, кој толку се прослави со својот подвиг и со добродетелта што и самиот манастир почнаа да го нарекуваат Далматски. Учествуваше на Третиот вселенски собор, борејќи се против ереста на Несториј.

Се упокои мирно во петтиот век. А неговиот син Фауст го следеше татка си во се, а особено во добродетелта. Се упокои во Далматскиот манастир.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Рок.

Бил роден во 1295 година, во Монтпелиере во Франција. По смртта на неговите родители, тој го продал имотот, парите им ги поделил на сиромашните и заминал за Рим. На патот за Рим застанал во Аквапенденте каде владеела чума.

Им помагал на болните луѓе и се заразил од болеста. На чудесен начин оздравел и продолжил по патот за Рим. На свети Рок му се молат луѓето кои се заболени од разни болести.