Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 5 октомври. Денеска е Св. маченица Харитина.
Во детството остана сираче. Ја посвои некој угледен човек и христијанин Клаудиј и ја воспита како своја ќерка. Харитина растеше зацврстувајќи се во Христовиот дух и избра да живее девствен живот. За време на прогоните на Диоклецијан во третиот век, некој си царски намесник Дометијан ја доведе на суд како христијанка. Откако го исповеда Христа пред судот и ги посрами идолопоклониците, беше ставена на маки.
Најпосле судијата прати некои развратни момчиња да ја осквернат. Харитина се помоли на Бога да ја сочува нејзината девственост и кога момчињата дојдоа до неа видоа дека таа веќе го беше предала својот дух.
Католички календар: Денеска е Св. Лука, Евангелист.
По потекло бил од Антиохија. Го следел свети Павле на неговото второ мисиско патуваwе од 49-52 година, од Троада до Филипи. Од свети Лука има само две веродостојни списи, Евангелието по Лука и Делата Апостолски. Во своето Евангелие го прикажува Христос, кој дошол да ги спаси грешните, им се приближува и им нуди спас. Така Лука ја запишал една од најдобрите параболи – приказната за изгубениот син. Оваа парабола се смета за една од најчитаните страни на Библијата, бидејќи оваа приказна најдобро покажува каков е Господ, нашиот Татко Небесен. Во делата апостолски Лука ни кажува за ширеwето на христијанството од Ерусалим до Рим, т.е. за делувањето на Апостолите, односно црквата по Воскреснувањето Христово. На Свети Лука му се молат и душевно и физички болните, а најмногу мисионерите и теолозите, за да ги чува при проповедањето на Христовата Радосна вест.