Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 20 март.
Денеска е Св. маченици Јован, Сергеј, Патрикиј и други.
Близу Ерусалим се издига еден стар и многу познат манастир во христијанскиот свет. Тоа е манастирот Свети Сава. Во седмиот век во овој манастир живееја монасите Јован, Сергеј, Патрикиј и многу други, делејќи ја тогашната тешка судбина на жителите околу Ерусалим кои беа постојано напаѓани од Сарацените. Овие не штедеа ништо живо. Се случи Сарацените да го нападнат и манастирот на Велики Четврток. Тие влегоа во манастирот и од монасите бараа злато. Кога овие одговорија дека единствен имот им се старите облеки што ги носеа, Сарацените се разгневија и ги затворија во пештерата во која некогаш се подвизуваше Свети Сава. Потоа нафрлија дрва на влезот и ги задушија монасите со чадот од дрвата. Од сите монаси што тогаш пострадаа познати се имињата само на споменатите тројца.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Велики Петок.
На денешен ден, пред две илјади години, Исус Христос со својата мака и смрт на Крстот ги ослободи луѓето од гревовите. Со својата смрт на Крстот, Исус покажа совршена послушност кон својот Татко, а кон нас луѓето, со тој чин покажа голема љубов. По гревот на Адам човекот бил оддалечен од Господ, својот Создавач и ја изгубил можноста да живее вечен живот со Господ во рајот. Христос како Нов Адам и жртва на Крстот, како Глава на човештвото, повторно ги привлече луѓето кон Господ и им стекна вечен живот. Светото писмо во сите четири евангелија зборува за Спасителската мака и Исусовото трпение на Крстот, за нашето спасение. Со жртвувањето на Крстот, Исус ни покажува дека не сака. Да му возвратиме и ние со љубов, живеејќи според Божјите заповеди, не навредувајќи го никогаш повеќе со своите гревови.