Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 27 септември.
Денеска е Св. маченик Калистрат и 49-те негови другари.
Овој Калистрат беше од старата Картагина, што се наоѓала на африканскиот брег во денешен Тунис. Роден е во христијанско семејство и воспитан во Христовиот дух. Додека служел војска, некој од војниците го видел како станува ноќе и се моли на Бога, па го поткажал кај заповедникот како христијанин. Овој го затворил, а потоа, откако го изнамачил го фрлил в море.
Но, Бог го заштитил и Калистрат излегол од водата неповреден. Гледајќи го неговото трпение при поднесувањето на маките, 49 негови другари ја примиле верата во Христа, заради што биле затворени со Калистрат. Ноќе, во време кога се вршат срамните дела, заповедникот пратил луѓе и ги погубил. Тоа се случило во 304 година. Подоцна, на тоа место, осветено од нивните мошти, била изградена црква.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Лујо Бертан.
Се родил во Венеција, во 1526 година. Во доминиканските цркви помеѓу светците од доминиканскиот ред често може да се наиде на Свети Лујо Бертан, чиј култ особено се поврзува со неговата татковина Шпанија. На сликите најчесто е прикажан во бело-црн хабит, додека во рака држи златна чаша од која излегува змија. Тоа е во спомен на обидот за труење од страна на домородците на Латинска Америка, со цел да го спречат во ширењето на христијанството, поточно Евагелието. Познавачите на Свети Лујо Бертан велат дека главно значење на неговата духовност е стравот Божји.
Прогласен е за светец во 1671 година од страна на папата Клемент Десетти, бидејќи го проповедал Христовото Евангелие неплашејќи се од смртта, но и поради тоа што ги штител загрозените Индијанци од властодршците. Бидејќи многу проповедал во Колумбија, во 1690 година, прогласен е за заштитник за Новото кралство на Гранада, како што тогаш се нарекувала денешна Колумбија. На него му се молат луѓе на кои им се загрозени најосновните човекови права.