Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 31 јули. Денеска е Св. праведен Евдоким.
Свети Евдоким се роди во Кападокија во деветтиот век, во времето на византискиот цар Теофил. Кога порасна стапи во војничка служба како офицер. Но, Евдоким не се препушти на бурниот и бучен војнички живот, туку и како војник строго ги пазеше Христовите заповеди. Заради неговите големи добродетели уште како млад беше поставен за војвода на Кападокија. Се упокои на свои 33 години.
Подоцна се покажа дека неговите мошти се беа сочувале цели, без никакви знаци на трулење и испуштаа добар мирис и многумина кои се допираа до нив добиваа исцелување од различни болести. Подоцна моштите му беа пренесени во Цариград.
Според Католичкиот календар денеска е Св. Понцијан и Хиполит.
Свети Понцијан бил папа кој управувал со црквата во третиот век за време на прогонствата на црквата кои ги спроведувал римскиот цар Максим Трачанин. Царот го прогонил свети Понцијан на островот Сардинија кој бил наречен остров на смртта.
Таму тој умрел заедно со свештеникот Хиполит. На овие двајца светци, верниците им се молат за истрајност во верата.