Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 18 декември.

Денеска е Св. Севастијан.

Се роди во Италија. Се воспитуваше во Милано и уште како младо момче стапи во воената служба. Се истакна многу во службата на императорот Диоклецијан кој го постави за началник на царската гарда.

Инаку, Севастијан беше таен христијанин. Кога беше откриен дека е христијанин и одби да се откаже од Исус Христос, го врзаа и војниците го стрелаа со стрели, а најпосле го убија со стапови.

Овој славен војник, уште повеќе се прослави како христов војник и пострада во 287 година.

КАТОЛИЧКИ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Силвестер, папа.

Уште како млад, на римскиот Капитол, свети Силвестер можел да го чита едиктот против христијаните, кој би издаден од страна на царот Аурелиј и со тоа започнал прогонот на христијаните. Тој го доживеал последното и најкрваво прогонство на царот Диоклецијан, но и големиот пресврт со Миланскиот едикт /313/, со кој царот Константин Велики им дал слобода на христијаните и со тоа го означил крајот на крвавите прогонства. Потоа, бил избран за папа, како 34 наследник на свети Петар.

Со помош на царот Константин Велики, во 325 година, го повикал првиот Ничејски собор, на кој е осудено кривоверството на Ариевците, кои го негирале божеството на Исус Христос. Свети Силвестер умрел во 335 година.