Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 22 март.
Денеска е Св. свештеномаченик Василиј Анкирски.
Свети Василиј живееше во четвртиот век. Беше прочуен презвитер на Анкирската црква. За верата се бореше против Аријанците и поради тоа многу претрпе за време на римскиот цар Константин.
Кога на престолот дојде царот Јулијан Отстапникот, Василиј отворено ја разобличуваше неговата нечеститост. Поради тоа, беше ставен на маки и во текот на неколку денови, мачителите му отсекуваа парчиња од кожата. Но, свети Василиј сето тоа мажествено го истрпи и ја предаде својата душа за Христа во 363 година.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Изидор.
Бил роден во 560 година во Севилја, во Шпанија. Одлучл да му се посвети на свештеничкиот сталеж и станал бискуп во Севилја. Напишал многу книги и свикал неколку собори во Шпанија на кои биле донесени многу уредби. Свети Изидор умрел во 636 година.
ИСЛАМСКИ КАЛЕНДАР: Времето за ифтар и суфур
Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:05 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 04 часот и 36 минута.
Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна.