Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 4 април.
Денеска е Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници.
Овој празник е подвижен празник. Зависи од тоа во кој ден ќе падне Велигден. Се слави секогаш во неделата пред Велигден, затоа што тоа е денот кога го доживуваме Христовото славно влегување во Ерусалим, градот во кој по неколку дена Христос ќе биде погубен.
Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со маслинови гранчиња пречекувајќи го како цар на мирот небесен. Во таа смисла и празникот е наречен Цветници.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Воскресение Христово (Велигден).
Денеска католиците ширум светот го слават најголемиот христијански празник, Воскресение Христово (Велигден). Исус сам го оживеал своето мртво тело и на тој начин докажал дека Тој е Семожен Господ. Најголем доказ за своето божество дал кога излегол жив од гробот и се појавил пред својата мајка, заплашените пријатели и апостолите. Распнатиот и убиен Исус, воскреснал. Исчезнала темнината на Велики Петок и заблескало утрото на воскресението. Тоа светло веќе две илјади години на сите луѓе со добра волја им го покажува патот кон среќата и спасението.
ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР: Времето за ифтар и суфур
Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:23 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 4 часот и 4 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна.