Православните верници денеска го празнуваат посен свети Ѓорѓија. Овој ден, освен како семејна слава, се празнува и како именден и како слава на цели села и градови.

На овој ден се празнува осветувањето на црквата посветена на свети Георгиј Победоносец во Киев. Кај руските кнезови, почнувајќи од рамноапостолниот кнез Владимир, постоел благочестив обичај да основаат цркви во чест на своите ангели чувари, т.е. на светителите чии имиња ги носеле. Така, рамноапостолниот Владимир, во светото Крштение Василиј, изградил во Киев и Вишегород цркви во чест на светиот Василиј Велики; кнезот Изјаслав Први (1054 – 1068), во светото Крштение Димитриј, изградил во Киев храм и манастир во името на светиот великомаченик Димитриј; кнезот Јарослав Мудри (1019 – 1054), во светото Крштение Георгиј, положил темели на црквата и на машкиот манастир во чест на својот светител закрилник, светиот Георгиј, а исто така изградил храм и во името на маченичката Ирина, закрилница на неговата сопруга.

Црквата во чест на светиот великомаченик Георгиј се наоѓала пред вратите на Света Софија (Киевска), на неговата изградба кнезот Јарослав потрошил многу средства, а во изградбата на храмот учествувале голем број градители. На 26 ноември црквата била осветена од страна на светиот Иларион, Митрополитот Киевски (се слави на 21 октомври), и било востановено секоја година да се празнува овој голем настан.

Свети Великомаченик Георгиј Победоносец (во народот познат како Свети Ѓорѓија) живеел и пострадал за време на безбожниот римски цар и идолопоклоник Диоклецијан (284 – 305 година), во чие време се вршело прогонство и убивање на христијаните. Свети Георгиј, син на набожни родители и добар Христов војник завршил воена школа и бил на служба кај овој цар.

Во својата 20-та година го добил чинот трибун, воен старешина и царски пратеник. Знаејќи дека заради верата во Христа набргу ќе настрада, по смртта на својата мајка го раздал имотот на сиромашни, а робовите ги ослободил. Тој не можел да ја поднесе неправдата. Храбро застанал пред царот, кнезовите и сенаторите и изјавил: „Слуга сум на Христос, мојот Бог… До кога ќе ги гоните и мачите тие невини луѓе и ќе ги принудувате на вашето безумно безбожје. Идолите ваши не се богови, не се! Христос е единствениот Бог“!

Царот наредил Св. Георгиј да биде фрлен во затвор и бил изложен на најтешки мачења. Во жестоката борба меѓу доброто и злото – победа му подари, издржа надчовечки мачења и стана Победоносец, за да сведочи пред светот дека љубовта, побожноста и верата се посилни од се.

На иконата Св. Ѓорѓија е претставен како војвода на коњ како со копје убива ламја која е под копитата на коњот. Приказот на свети Ѓорѓија како ја убива ламјата е заснован на попууларна легенда во христијанската митологија. според легендата Св. Ѓорѓија ја убил ламјата што на народот му правела голема штета.