Денеска е 6 септември (по стар стил) и се слави Спомен на чудата на Свети Архангел Михаил.
Во Фригија имаше едно место наречено Хони („нурнување“) недалеку од Јерапол; и на тоа место извор со чудотворна вода. Кога Светиот апостол Јован Богослов со Филип го проповедаше Евангелието во Јерапол, тој погледна на она место и прорече дека таму ќе се отвори извор на чудотворна вода од која многумина ќе добијат исцеление и дека тоа место ќе го посети великиот Божји Архистратиг Михаил.
Наскоро потоа, ова пророштво се исполни, се отвори извор кој заради својата чудесна сила се прочу на сите страни. Еден незнабожец во Лаодикија имаше нема ќерка и заради ова беше во голема тага. Но, во сон му се јави Архангелот Михаил и го упати да ја води својата нема ќерка на изворот, каде што ќе оздрави. Таткото веднаш послуша, ја одведе ќерката и кај водата затекна многуброен народ, кој на изворот си бараше спасение од разни маки. Тие сите беа христијани.
Тогаш човекот ги праша како треба да бара исцеление, а христијаните му рекоа: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух треба да го молиш светиот Архангел Михаил.“ Оној човек направи така, се помоли и ја напои ќерка си од водата, а потоа девојката почна да зборува. Тогаш тој човек незнабожец се крсти заедно со сиот свој дом, а крај изворот му изгради црква на Светиот Архангел Михаил. Подоцна на тоа место се насели едно момченце по име Архип и таму се подвизуваше во строг подвиг на пост и молитва.
Незнабошците многу му пакостеа, зашто не им беше по волја тоа што од христијанската светост исходи толкава сила и привлекува многуброен народ. Па во својата злоба тие ја навртеа блиската река за да ги потопи црквата и изворот. Меѓутоа, откако Архип се помоли, повторно се јави светиот Архангел и во карпата покрај црквата отвори расцеп којшто ја прими сета навртена река. Така она место се спаси и се нарече Хони („нурнување“) затоа што реката се нурна во отворената бездна. Свети Архип се подвизуваше тука седумдесет години и се упокои мирно во Господа.